ВМРО-ДПМНЕ: Политиката на СДСМ е „не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам“

од desk2

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ попладнево на две одделени прес-конференции реагираше на назначувањето на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за потпретседател на СДСМ и на укинувањето на дисперзираните студии од страна на Владата.

– СДС продолжува со лицемерната политика, која најдобро е опишана во народната поговорка „не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам“. Зоран Заев и СДС најавуваа департизација и деполитизација на институциите додека беа во опозиција, а сега ја претвораат државата во алатка на партијата. Оливер Спасовски, наместо да се повлече од партиските функции и професионално да ја врши функцијата министер за внатрешни работи, тој е назначен за потпретседател на партијата. Граѓаните помнат дека во текот на претходните изборни циклуси, СДС го проблематизираше тоа што Гордана Јанкулоска во исто време била и министер за внатрешни работи и партиски функционер, бидејќи не се знаело „што е партија, а што држава“ – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, додавајќи дека ова е само продолжение на обидите на СДСМ „целосно да ги стават под партиска контрола органите на прогонот“.

На втората прес-конференција, Лука Кржалоски повторно обвини дека Владата на СДСМ не е реформска, туку антиреформска, истакнувајќи дека со укинувањето на дисперзираните студии се нанесува огромна штета на образовниот процес и се ускратуваат бенифициите што им биле достапни на студентите во изминатите 10 години.

– Оваа мерка им овозможуваше на студентите да заштедат средства врз основа на патување, сместување и исхрана, но и да заштедат средства по однос на уписнина. Студирањето на дисперзираните студии каде предаваат истите професори и се учи по истите наставни програми, материјали и учебници од кои се учи и на матичните високо-образовни установи од каде се изведени, чини само 100 евра годишно… Единствената причина поради која е укината ваквата мерка е тоа што дисперзираните студии се идеја, односно мерка воведена од страна на владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ за обезбедување што поголема достапност на високото образование за сите граѓани – рече Кржаловски.

Слични содржини