ВМРО-ДПМНЕ потпиша меморандум за соработка со 3 синдикати и со пензионерски здруженија

од desk3

ВМРО-ДПМНЕ денеска потпиша меморандум за соработка со три синдикати и со Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.

Со меморандумот се очекува да се продолжи унапредувањето на социјалниот дијалог и да се реализираат проекти што ќе бидат во насока на подобрување на работничките права и подобрување на животниот стандард на работниците и на пензионерите.

vmro-dpmne

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по потпишувањето на Меморандумот рече дека еден од најголемите приоритети на партијата е отворањето нови работни места и обезбедувањето услови за пристоен живот на граѓаните.

– Програмата на ВМРО-ДПМНЕ секогаш била и ќе продолжи да биде обединување на најдобрите реални проекти и одговор на барањата и реалните проекти на граѓаните. Во тој процес на реализација на политиката секогаш го почитуваме издржаното мислење и затоа сме отворени за нови идеи и во потрага по најдобрите предлози кои носат нов квалитет во нашето работење, истакна Груевски.

Тој додаде дека резултатите кои досега се постигнати, се забележителни, односно отворени се над 160 нови илјади работни места, невработеноста е намалена од 38 на 24 проценти, утврдена е минимална плата, зголемени се пензиите во просек за 70 проценти, а се реализираат и проектите за бесплатна банско-климатска рекреација, бесплатен јавен превоз, бесплатен туристички викенд …

– Се наоѓаме во период пред избори. Постојат политичари кои секогаш ќе ви кажат дека ќе направат многу работи и многу работи ќе бидат и ветени, но тоа се само зборови. За разлика од ова, ние не само што кажуваме што ќе направиме, туку прецизно наведуваме и како тоа ќе го направиме затоа што нудиме реални и обмислени проекти и мерки кои се со прецизни рокови и динамика на остварување. Ветуваме работи за кои сме сигурни дека можеме да ги реализираме, рече Груевски.

Тој најави дека отворената соработка и реализацијата на проектите ќе продолжи и во иднина. – Нашата огромна предност е тоа што досега ветеното сме го реализирале честопати и повеќе од ветеното. Нашиот даден збор сега има далеку поголема вредност отколку на другите политичари поради исполнетото во минатото, истакна Груевски.

Синдикатите изразија задоволство од досегашниот социјален дијалог со надеж дека и во иднина ќе продолжи реализацијата на проекти за унапредување на работничките права и за создавањето услови за живот на граѓаните.

– Барањата на синдикатите поврзани со поттикнување на процесот на колективното договарање, намалување на годините од работен однос на определено време, формирањето на социјалниот солидарен фонд, зголемување на минималната плата, утврдување на бенефицираниот стаж за одредени категории работници, потпишување колективни договори и во јавниот сектор се прашања кои преку потпишувањето на меморандумот даваат можност за нивна реализација, рече претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митрески.

И од Сојузот на здруженија на пензионери се надеваат дека ќе продолжи спроведувањето проекти со кои ќе се подобрува животниот стандард на пензионерите.

Слични содржини