ВМРО-ДПМНЕ Прилеп до Јованоски: Како ќе ги убедите младите да останат во Прилеп кога вашите деца одамна го напуштиле?

од Vladimir Zorba

ВМРО-ДПМНЕ Прилеп со писмено соопштение реагира на денешната прес-конференција на кандидатот за градоначалник на Прилеп од СДСМ, Илија Јованоски.

„Почитуван Илија Јованоски,

Во денешното ваше обраќање чувме огромна доза на лицемерие, лошо креирани ветувања и лаги. Изгледа китењето со туѓи перја ќе биде главна стратегија на која ќе се потпира вашата изборна кампања. Ете, вашето излагање само им потврди на граѓаните дека немате основно познавање како функционира локалната самоуправа што е доказ дека само сте го преспале вашиот мандат како советник. Во ваш и во СДС стил, заоблено на ќош, само нафрливте неколку ветувања од кои пола се реализирани од актуелната локална власт а пола се паушални и како и секогаш намерно пропуштате да објасните како ќе ги остварите.

Да видиме што ветивте и што излагавте!

Манипулирате со граѓаните дека ќе ги намалите сметките за вода за 20% а веројатно знаете дека советот нема надлежност по ова прашање и цената на водата е регулирана од државна регулаторна комисија. Оној кој ви го пишувал говорот го промашил ова ветување, најверојатно од незнаење!

Покрај тоа што им скусивте на пензионерите 7200 денари годишно уште и велите дека ќе им воведите бесплатен јавен превоз. Мислите на градскиот јавен превоз против кој гласавте вие и советниците од СДС?

Изгледа не ја познавате добро својата општина па велите дека ќе обезбедите патишта, улици и канализации за сите. Ова ветување повеќе одговара како очајно ветување на Сашо Пирганоски за втор мандат, кога 60% од градските улици и сите патишта до населените места беа неасвалтирани, без водовод и канализација. Ете гордо давате изјави од градскиот плоштад кој го изгради локалната самоуправа на чело со Марјан Ристески, се сликате пред участакот кој е симбол на револуционерната борба и кој се реновираше од владата на ВМРО ДПМНЕ. Не е ли тоа лицемерно? Во очи 11 Октомври,како ќе го прославите празникот? Како ден на револуционерната борба против окупаторот или како граѓанска војна согласно договорот кој го потпишавте со Бугарија?

Вие му дадовте ново значење на зборот партизираност и непотизам, кој толку многу го користите. Вашата сестра ја унапредивте вораководител на сектор за план и развој во градската болница, а вашата долгогодишна колешка Роза Рулеска Пиличева од сестра во одделението за ортопедија во главна сестра. На ова ли мислите кога зборувате за партизација?

Велите ќе спречите младите да се иселуваат. Како ќе ги убедите младите да останат во Прилеп кога вашите две деца веќе одамна го напуштиле и живеат надвор од земјата?

Омилена фраза која ја користите во вашите говори е СИЛНО ВЕРУВАМ! Тоа господине Јованоски не е одлика на лидер, на водач, на реформатор, тоа е одраз на несигурност, немање визија и незнаење! На народот не му треба човек кој верува! На народот му треба човек кој е сигурен, кој знае, работи, кој дадениот збор го остварува и стои зад него! Очигледно вие не сте човекот кој му е потребен на Прилеп!

Прилеп веќе го има Марјан Ристески кој ја крена општината од сивилото во кое ја оставивте вие и вашите партиски другари. Ја постави на прав пат, кон економски и социјален развој. Ете затоа граѓаните на Марјан Ристески повторно ќе му ја дадат довербата на претстојните локални избори, да ја води и развива општината успешно како изминатите 12 години“ се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Слични содржини