ВМРО-ДПМНЕ: СЈО му помага на Заев да реализира нарачани платформи

од Vladimir Zorba

 

На прес-конференција денеска дури тројца високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ одговараа на наводите што денеска ги изнесе СЈО отворајќи три нови случаи, од кои два „Талир“ и „Траекторија“ се за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и за високи партиски или државни функционери во владите на ВМРО-ДПМНЕ.

Антонијо Милошоски од партиската говорница обвини дека СЈО само „штанца обвиненија против ВМРО-ДПМНЕ“ за да му помогне на претседателот на СДСМ и мандатар за нова влада, Зоран Заев во „спроведување нарачани платформи“.

– Од пресот на СЈО се забележуваат две цели. Првата цел е најава за притисок врз судството отворена политичка најава за силен притисок врз судството што ќе следува во наредниот период. И втората цел преку таквиот притисок врз судствоот да се издејствуваат судски пресуди кои што се веќе дел од некој политички или коалиционен договор.  Таквата најава денес СЈО ја соопшти преку соопштувањето на случајот Сопот – рече Милошоски, наведувајќи дека потоа би уследиле идентични постапки и за случаите „Монструм“ и „Диво насеље“.

За случајот „Траекторија“ зборуваше Никола Попоски, кој рече дека не е точно дека била нанесена материјална штета од 155 милиони евра, оти станувало збор за капитален проект од кој корист имаат сите граѓани на Македонија. Тој рече и дека за двата автопати, односно Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид не се применувал Законот за јавни набавки затоа што во Собранието во 2013 година, и со гласови на пратеници од СДСМ и од ДУИ, бил изгласан Законот за реализацијата на двата инфраструктурни проекти, кој пак се засновал на Законот за рафирикација на договорот за економска и техничка соработка во инфраструктурата меѓу владите на Македонија и на Кина. Тој негираше и дека во игра била само една понуда.

– Третата инсинуација во денешниот настап на СЈО е дека се преговарало со само една компанија и не била избрана најниската понуда. Вистината е следна, склучени се меморандуми со две компании и тоа: China International Water and Electric Corpоration (CWE) и Sinohydro Corporation Limited. Двете компании доставиле свои понуди и во 2013-та година е одбрана најниската понуда – рече Никола Попоски.

За случајот „Талир“, за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ одговараше Емил Димитриев, генерален секретар на партијата и технички премиер. И тој обвини дека отворањето на случаите од СЈО е уште еден напад врз ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи дека партијата не работела незаконски, што било „потврдено од страна на сите институции надлежни за проверка на финансиското работење на политичките партии“.

– Јасно и гласно со чест и со достоинство порачуваме дека ова нема да помине. Финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ е реализирано согласно закон, целокупниот имот на ВМРО-ДПМНЕ е законски стекнат. Имотот на ВМРО-ДПМНЕ се користи за извршување на партиските функции.ВМРО-ДПМНЕ има право да има простор за свое функционирање. СДС не може и не смее да биде во привилегирана позиција и да има простор за функционирање кој му оставен од поранешната комунистичка партија. А, ВМРО-ДПМНЕ да нема простор. Сиот имот на партијата е законски стекнат и без разлика дали е во целост оспособен за партиско функционирање како што е отприлика 95% од просторот или пак е во тек постапка за оспособување на просторот како што имаме 4-5 ситуации – рече Димитриев./МЕТА

Слични содржини