ВМРО-ДПМНЕ со „Тешкото“ го спасува Зврлевски

од desk2

Со реплики и контрареплики меѓу пратениците на ВМРО- ДПМНЕ, Социјалистичката партија и ГРОМ, денеска продолжи собраниска расправа за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски.


Опозициските пратеници го повторија ставот дека разрешувањето на Зврлевски е политички реваншизам и незаконски обид премиерот Зоран Заев да се спаси од обвинението во „Поткуп“.

Ваквата расправа, оценија, намерно се форсира, за да се дефокусира јавноста од актуелните теми како задолжувањето, пожарите, бегалците,…

– Нема ниту една претставка за Зврлевски во изминатите години и сите извештаи за неговата работа се позитивни. Токму поради видниот напредок и успех на Јавното обвинителство (ЈО) откако со него раководи Зврлевски, паѓаат во вода сите паушални и политички мотивирани причини за негово разрешување, рече Иван Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, дополнувајќи дека на власта не и се потребни реформи во судството, туку обвинител кој ќе ги ослободи од обвиненија сите нејзини функционери.

Иванов напомена и дека со постапката за разрешување, не се руши само кредибилитетот и интегритетот на Зврлевски, туку и на целата институција ЈО на РМ.

Според Благица Ласовска, разрешувањето нема никаква врска со законот и професионалното работење на Зврлевски, а според Драган Данев, граѓаните се политички едуцирани, не паѓаат на замки и на 15 октомври ќе го кажат своето мислење.
Не е исполнето ветувањето на Заев, се надоврза Крсто Мукоски, дека новиот јавен обвинител ќе биде од редовите на опозицијата.

– Образложението за смена на Зврлевски не држи, јасна е тенденцијата. Се работи за лична освета и калемење невистини дека бил близок до власта на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мукоски.

Емил Димитриев изрази жалење што владејачкото мнозинство не води, како што нагласи, вистинска, аргументирана дебата за разрешувањето на Зврлевски. Зборуваа и Илија Димовски, Влатко Ѓорчев, Драган Цуклев, Васил Пишев, Весна Пемова, Павлинче Честојнова, Никола Мицевски, Зоран Илиоски, Крсто Јовановски, Димитар Стевананџија, Ане Лашкоска, Владанка Авировиќ, Панчо Минов, Весна Дамчевска – Илиевска,… Дискусијата не се задржа само на разрешувањето на Зврлевски, туку преминуваше и на други теми: работењето на власта, нејзините советници, разрешените директори и именуваните членови на управни одбори, пензиите, пожарите, бегалците, задолжувањето,…. Беа читани и стихови од „Тешкото“.

За СДСМ, чиј став беше искажан на претходните продолженија на седницата, меѓусебните реплики и контрареплики на ВМРО-ДПМНЕ се рашомонијада и бурлеска за пролонгирање на правдата. Разрешувањето на државниот јавен обвинител е законско и легално во целост зашто воопшто не значи негово отпуштање од работа или прекин на неговиот работен однос, смета СДСМ. На денешното 11. продолжение на 6. седница за реплика се пријавени 23 пратеници. Расправата ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.

Слични содржини