Зоран Заев продолжува да одработува за странски центри презентирајќи креирани разговори. Тој очигледно има намера да помага за остварување на целите на странски центри, а на штета на граѓаните и за државата, реагираше ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција на Зоран Заев, на која тој објави, како што тврди, нови докази за криминалните активности на власта.

„Зоран Заев и СДСМ се влезени во тешко сценарио од кое не може да излезат. Секојдневните лаги, контрадикторности и дневните промени на изјавите и на Зоран Заев и на луѓето околу него говорат дека нив ниту ги интересира вистината, ниту ги интересираат граѓаните. После признанието на еден од замешаните и осомничените во акцијата „Пуч“ кој недвосмислено ја открива шемата на соработка помеѓу нив, но и со странски центри, на граѓаните им е совршено јасно што е крајната цел на Зоран Заев. Од таму доаѓа бесот и гневот во СДСМ. Уште на самиот почеток на нивниот план, се е јасно. СДСМ сака да предизвика дестабилизација, да го наруши меѓународниот углед на државата и да создаде конфликти во нашето општество“, се наведува во соопштението.

Од таму велат дека никој од СДСМ досега не одговорил на прашањето што за возврат треба да направи СДСМ и Зоран Заев за услугите што нив им ги овозможиле странските центри.

„Заканите кои Заев секојдневно ги упатува кон политичари, судии, новинари, јавни обвинители, бизнисмени и граѓани не му врват и не го плашат никого. Ова свесно манипулирање и делење папки е ништо друго освен обид за закана и уцена до секој еден граѓанин од нашето општество. Ако Заев мисли дека со уцени и закани ќе успее да добие поддршка од граѓаните, тогаш многу грешно си ги пресметал работите. Времето ќе покаже кој е во право и на кого граѓаните му даваат поддршка и му веруваат во врска со овие срамни конструкции и сценарија, кои опозицијата на чело со Заев ги одработува“, соопштуваат од партијата.

Со почит, Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Слични содржини