Прес-конференцијата на Зоран Заев е само продолжување на сценариото за креирање на нестабилност во Македонија, за манипулирање со јавноста и за насилно преземање на власта, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Заев, според ВМРО-ДПМНЕ, е добар извршител на желбата на странските центри, без при тоа, како што посочуваат, ниту еднаш да се запраша каква и колкава штета и нанесува на сопствената држава. Напротив, свесен е дека нанесува штета на Македонија и продолжува.

– На денешниот прес на Зоран Заев не слушнавме и веројатно од Заев никогаш нема да слушнеме за спрегата на Заев и СДСМ со опозициските новинари дебело финансирани од негов личен џеб и од страна на фондацијата СОРОС, како и за групата невладини организации кои гравитираат околу опозицијата кои што во меѓусебна спрега организирано дејствуваат заради реализација на сопствените цели, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека од Зоран Заев не слушнале колку пари се трошат од СОРОС и од СДСМ за финансирање на нивните медиуми.

– Не слушнавме како тоа е возможно претседател на ЗНМ да стане директор на партиски прес центар на СДСМ. Не слушнавме за новинарите пратеници, не слушнавме за 37-те новинари кои со одработување за СДСМ заработија портпаролски функции, и не слушнавме за новинарите кои работат во партискиот штаб на СДСМ и си пласираат текстови во партиските портали кои глумат опозиционост и критичност. Не слушнавме за распределбата на пратенички мандати на новинари од опозицијата во замена за парични средства и минутажа во вестите на А1 или списанијата под контрола на Фондацијата на СОРОС и опозицијата. Заев не сакаше да говори за бројните скандали кои се поврзуваат за медиумите блиски до опозицијата, за начините на финансирање на опозициските медиуми, за конструкциите кои ги правеа сиот изминат период и ги прават до ден денес, и за сите нивни шеми, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека граѓаните на Македонија ги читаат опозициските весници во кои има напади, навреди, местенки и измислици, повици на линч и јавен говор на омраза.

– Поделбата на наводно провладини новинари од едната страна и на наводни професионални новинари, кои ете така случајно, треба да веруваме дека ја поддржуваат опозицијата е една небулоза, замена на тезите, и е идентична со истата таква небулоза дека во суштина само додека е СДСМ на власт има демократија во државата. Оттука сакаат да ја пласираат нивната теза дека само СДСМ може да каже што е професионално, а што не е, што е демократија и слобода, а што не е, односно кој е подобен и добар, а кој не е, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини