Сообраќајната полиција во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Скопје изврши увид на 10 сообраќајни несреќи, од кои седум се со материјална штета и три се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле четири лица. сообракајка1

Како што информира за МИА самостојниот инспектор Драган Вељаноски од СВР – Скопје, во текот на изминатиот ден по спроведените контроли над учесниците во сообраќајот од страна на сообраќајната полиција, откриени и санкционирани се поголем број прекршоци.

Санкционирани се 26 возачи кои со возилото се движеле со брзина поголема од дозволената, седум возачи за време на управување со возилото не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон, пет возачи управувале нерегистрирано возило, како и четири лица биле без возачка дозвола.

Затекнати се 19 непрописно паркирани возила и тројца пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале црвено светло на семафор.

Со помош на специјалното возило пајак, во текот вчерашниот ден отстранети се 50 возила кои во поголема мера го попречувале нормалното одвивање како пешачкиот така и моторниот сообраќај.

Во рамки на проектот за сообраќајна култура на децата во предучилишни установи Одделението за превенција при СВР – Скопје денеска ќе реализира едукативни работилници во градинката „Мајски цвет“, матичен објект, која се наоѓа на подрачјето на општина Карпош.

Со почеток во 18 часот на Националната арена „Филип Втори“ во рамките на Лига Европа ќе се одигра меѓународен фудбалски натпревар помеѓу Работнички и Будуќност, Република Црна Гора. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот од сообраќајната полиција ќе бидат преземани соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а во зависност од моменталните состојби и пренасочување на сообраќајот.

Слични содржини