Во Атина најавени протести, во Давос средба Заев-Ципрас

од desk4

Зајакнувањето на односите меѓу Македонија и Грција во контекст на градењето мерки на доверба изминатиот период и анализа на досега постигнатото во преговорите меѓу двете земји за прашањето за името, се на агендата на утрешната прва директна средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на Светскиот економски форум во Давос, велат од македонската Влада за ТВ24.

Аналитичарите и медиумите во Грција, пак, оценуваат дека главен проблем и во двете земји ќе биде да се обезбеди внатрешна политичка поддршка.

Според грчките медиуми, на средбата, грчкиот премиер ќе настапи со позицијата на Атина за сложено име со географска или временска одредница за севкупна употреба.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во Брисел изјави дека е потребно дополнително да се разработат одредени прашања за да се зборува за конкретен временски рок за решение.

„Блиску сме до одредени прашања за решение. Мислам дека одредени теми за кои ќе се разговара во среда на 24 јануари во Давос, ќе покажат каде се движиме“, изјави Никос Коѕијас – министер за надворешни работи на Грција.

По масовниот протест во Солун во неделата, се најавува нов собир на 4 февруари во Атина. Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис смета дека сфаќањето дека Македонија е само грчка и ништо повеќе од тоа е мошне лошо.

„Не е во прашање само името. Доколку во Уставот на соседите и натаму има иредентистички тенденции, прашањето нема да се промени“, вели Јанис Бутарис – градоначалник на Солун.

Сега е идеално време да се најде решение за прашањето за името, порача од Солун американскиот амбасадор во Грција, Џефри Пјат. Истовремено и бугарскиот амбасадор во Грција Веселин Иванов рече дека спорот со името и европската перспектива на Западен Балкан се дел од високите приоритети на претседавањето на Бугарија со ЕУ.

Слични содржини