На преговори во Багдад курдска делегација

од desk3

Властите на автономниот регион Ирачки Курдистан денеска соопштија дека нивна делегација отпатувала во Багдад, на преговори со претставници на Владата на Ирак.

Главниот советник на претседателот на Ирачки Курдистан, Масуд Барзани, Хошијар Зебари, изјави дека делегацијата ќе разговара со ирачките власти за референдумот за независнот на регионот најавен за понеделник, кој, како што нагласи, сепак „ќе се одржи“.

– Ние рековме дека ќе преговараме со Багдад пред, за време и по референдумот – додаде Зебари, кој е поранешен ирачки заменик премиер.

Лидерите на ирачките Курди тврдат дека референдумот во регионот има за цел на регионалните власти „да им даде легитимен мандат за обезбедување независност од Ирак, преку дијалог со Багдад и соседните држави Турција и Иран“.

Турција го оцени референдумот за независност на Ирачки Курдистан како нелегитимен и најави дека е подготвена да преземе контрамерки доколу тој се одржи.

„Ако Северен Иран продолжи со заложбите за одржување на овој погрешен референдум, кој не е неприфатлив само за Турција, туку и за Советот за безбедност на ОН, меѓународната заедница и централната Влада на Ирак, неизбежни се сериозни последици кои ќе им нанесат штети на Северен Ирак и на целиот регион“, се наведува во соопштението објавено синоќа по седницата на турскиот Совет за национална безбедност, посветена на плановите за одржување на референдумот во Ирачки Курдистан.

Претходно, и Советот за безбедност на ОН побара откажување референдумот и изрази загриженост поради можните дестабилизирачки последици од него.

Во реакција на ставот на Советот за безбедност на ОН, Барзани изјави дека ирачките Курди се подготвени да ја „платат која било цена за својата слобода“.

Слични содржини