На денешен ден  26 ноември

авној

1504.- Умре шпанската кралица Исабела I Католичка, кралица на Кастиља од 1474 година. Со стапувањето во брак со Фернанд II Арагонски во 1479 година ги соедини Кастиља и Арагон и ја создаде Шпанија. Во настојувањето да ја засилат римокатоличката црква и монархијата во 1480 година го втемелија судот на инквизиција. Борбите со Маварите победоносно ги завршија во 1492 година, протерувајќи ги од јужната шпанска покраина Гранада. Истата година ја опремија експедицијата на Крисифор Колумбо која ја откри Америка, а во 1503 година од Франција го презедоа Наполското кралство.

1648.- Папата Инохентие X го осуди Вестфалскиот мир со кој еден месец порано заврши Триесетгодишната војна.

1703.- Во дводневната „Голема луња“ во јужна Англија загинаа најмалку 8.000 луѓе.

1812.- Француската војска предводена од Наполеон Бонапарта претрпе тешки загуби при повлекувањето од Москва преку Березин.

1855.- Умре полскиот писател Адам Мицкијевич, најголем полски романтичар, чии дела се одликуваат со исклучително богат и сликовит јазик. Умре во Турција каде дојде за време на Кримската војна со намера да формира полска заедница за борба против Русија. Познати дела: збирка песни „Балади и романси“, „Кримски сонети“, еповите „Гражина“, „Конрад Валенрод“ и други.

1857.- Во Мелбурн, Австралија, е отворено Заседанието на првиот австралиски парламент.

1888.- Во Сен Луис, Мисури, САД, е роден Томас Стерн Елиот, американско-англиски писател, критичар и есеист. Меѓу познатите негови дела се „Пруфрок и други опсервации“, „Пуста земја“, „Шупливи  луѓе“, „Четири квартети“, „Убиство во катедралата“, „Семеен собир“ и други. Во 1948 година ја доби Нобеловата награда за литература. Умре во Лондон, на 4 јануари 1965 година.

1907.- Заради постојаното прогонство од страна на полицијата Владимир Илич Ленин беше принуден да ја напушти Русија.

1914.- Во експлозијата на британскиот воен брод „Булворк“ во Првата светска војна, во моментот кога во него се внесуваше муницијата, преживеаја само 12 од 750 членови на екипажот.

1917.- Советската влада во Првата светска војна се обрати до сите завојувани држави предлагајќи им мир без анексија и контрибуција.

1922.- Отворена е гробницата на фараонот Тутанкамон, која ја откри англискиот археолог Хауард Картер.

1924.- На Третиот вонреден конгрес на Социјалистичката партија на Грција учествуваше и македонскиот револуционер Трифун Хаџијанев и тоа како делегат на воденската организација. На овој конгрес грчката партија ги прифати решенијата на Коминтерната за правото на самоопределување, а во таа смисла и за правото на македонскиот народ за создавање сопствена држава.

1939.- Со напад на советската армија почна Советско-финската војна. Во октомври 1939 година, Советскиот Сојуз постави силни гарнизони во Литванија, Летонија и во Естонија, а од Финска побара дел од територијата за воена одбрана на Ленинград (Санкт Петербург) и заштита на мурманските пруги. Бидејќи владата во Хелсинки барањето го одби, советската армија продре во Финска, а со пробивот на фронтот, на 12 март 1940 година потпишан е мир со кој Советскиот сојуз ги доби бараните области.

1940.- На Хитлерова заповед е создадено варшавското гето во кое есесовците протераа околу половина милион Евреи не само од Варшава, туку и од други градови во Полска, па дури и од Германија. Десетици илјади луѓе умираа од глад и од болести. Повеќе од 310.000 Евреи оттаму беа испратени во логорите на смртта, каде што беа убиени во гасни комори.

1942.- Во Бихаќ, во Втората светска војна, е основано Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија. На Заседанието 54 делегати го избраа Извршниот одбор – АВНОЈ на чело со д-р Иван Лола Рибар. Тоа беше некаков вид на влада на ослободените територии до Второто заседание на АВНОЈ во Јајце 1943 година, кога е избран Националниот комитет.

1949.- Индија го прифати уставот со кој таа се организира како федерална република во рамките на британскиот Комонвелт.

1952.- Умре шведскиот истражувач и патописец Севен Андерс Хедин, кој ја предводеше експедицијата во Таримската котлина, Синканг, на Тибет, во Монголија и во подрачјето на Хималаите. Дела „Низ азиските пустини“, „Во срцето на Азија„, „Јужен Тибет“, „Трансхималаи“, „По копно во Индија“, „На големата пловидба“.

1965.- Франција го лансираше својот прв вештачки сателит.

1966.- Во Рогдаел, Австралија, е формирано Македонското КУД „Илинден“.

1968.- Умре германскиот писател Арнолд Цвајг, чии дела врз основа на искуството стекнато во Првата светска војна се полни со антимилитаризам, со горка иронија и со критичка анализа на општествените односи. Дела: романи „Случај на наредникот Гриш“, „Младите жени во 1914 година“, „Верденско воспитување“, лирската проза „Новели за Клаудиј“.

1968.- Во Њујорк умре Антон Синклер, северноамерикански писател и публицист, борец за социјални права и мир во светот. Меѓу најпознатите негови дела се “Џунгла”, “Џими Хигинс”, “Крај на светот” и други. Роден е на 20 септември 1878 година.

1970.- Еден боливиски сликар, облечен како свештеник, се обиде во Манила, главниот град на Филипини, да го убие папата Павле VI, но не успеа.

1978.- Муслиманските верски лидери и политичари кои настојуваа да го симнат шахот Реза Пахвали прогласија генерален штрајк со кој Иран беше парализиран.

1983.- Умре Евгени Савов, судија на Врховниот суд на Македонија и долгогодишен соработник на весникот “Нова Македонија”. Подолго од две и пол децении ја уредуваше рубриката “Правен советник”, преку која весникот “Нова Македонија” директно кореспондираше со илјадници читатели во Македонија, давајќи им потребни советни и упатства.

1985.- Во Загреб умре Јоаким Марушиќ, хрватски телевизиски режисер, автор на голем број ТВ-серии, ТВ-драми и радио-драми. Роден е во Сплит, на 26 август 1937 година.

1987.- Тајфун усмрти 270 Филипинци и разруши околу 14.000 куќи.

1986.- Во Скопје излезе првиот број на додатокот за литература, идеи и култура на весникот “Нова Македонија” – “ЛИК”.

1990.- Советот за безбедност на Обединетите нации го одобри мировниот план за Камбоџа.

1991.- Беше пуштен во употреба автопатот Титов Велес – Градско.

1993.- Првиот генеарлен штрајк во Белгија после половина век го парализира стопанството и сообраќајот со што ја принуди владата на преговори со синдикатот.

1998.- Во заедничката декларација во текот на посетата на кинескиот претседател Џанг Цемин стои дека кај Јапонија предизвика „длабоко покајување“, поради акциите што ги презеде во Кина во Втората светска војна.

2000.- Рупубликанецот Џорџ Буш Јуниор по повеќе од 20 дена по претседателските избори во САД е прогласен за победник во Флорида. Ова мачно натегање настана поради пребројување на гласовите во Флорида кое беше прекинато врз основа на судска одлука. Електронските гласови од Флорида (25) пресудно влијаеја за кандидатот на Републиканската партија на Буш да биде прогласен за претседател на САД.

2006.- Швајцарците на референдум одлучија да им дадат економска помош на најновите членки на Европската унија во висина од 620 милини евра со што продолжи блиската соработка на оваа земја со ЕУ. Повеќето граѓани со право на глас го поддржаа предлогот, а истиот најголема поддршка доби во градовите на француското говорно подрачје. Две години порано членки на Унијата станаа Кипар, Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка и Словенија.

Избор МИА

Слични содржини