Во Канада осудија мормон со 145 деца за полигамија

од Vladimir Zorba

Врховниот суд на канадската провинција Британска Колумбија го прогласи за виновен за многуженство Винстон Блекмор и неговиот поранешен зет Џејмс Олер, соопшти Yahoo News. Од 1990 до 2014 Блекмор, кој сега има 61 година се жени 24 пати и има 145 деца. 53-годишниот Олер има 5 сопруги. И двајцата можат да добијат до 5 години затвор.

Блекмор и Олер биле епископи на фундаменталистичката црква на Исус Христос од последните денови (мормонската). Обвинетите живеат во општина Баунтифул каде има 1 500 следбеници на полигамијата. Блекмор не негира дека се женел неколку пати според законите на мормонската црква.

Токму поради тоа досега обвинителството не можеше да му подигне обвинение, бидејќи забраната на многуженството ја нарушува слободата на вероисповед. Во 2011 судските власти одредија дека последиците од полигамијата даваат доволна основа за ограничување на верската слобода. Така во 2014 Блекмор и Олер беа привлечени како обвинети. Адвокатот на Блекмор изјави дека неговиот клиент ќе се жали ако биде прогласен за виновен.

Поранешниот претседател на фундаменталистичката црква Ворен Џефс одлежува доживотна затворска казна во затвор во Тексас за сексуално насилство врз малолетници. Сепак, има податоци дека тој продолжува да ја управува организацијата.

Мормонската црква се откажа од многуженството во крајот на 19 в, но Мормоните фундаменталисти не се откажале од оваа практика.

Слични содржини