Во образованието има премногу теорија, а практичната настава ја има само на хартија

од desk2

Последните анализи бележат голем расчекор меѓу кадрите што произлегуваат од образованието и побарувачката на пазарот на трудот. За тоа кои се причините за ваквата состојба и како да се надмине овој проблем, денеска во Тетово се дебатираше на тркалезна маса под наслов „Образованието за вработување“. Учесниците нагласија дека разликата меѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот е резултат на погрешниот избор на студии од страна на студентите, но и образовните политики, кои ги креираат државните институции.

– Од вкупно 8.315 дипломирани студенти, само 4,4 отсто имаме во математички науки, во техничко-технолошки науки имаме 12 отсто, во медицински и во биотехничките науки имаме 13 отсто, а најмногу кадри имаме произведено во социјалните и во хуманистичките науки, односно 72 отсто. Но, ако се анализира што бара пазарот на трудот, ќе видиме дека тој бара повеќе кадри кои произлегуваат од техничко-технолошките струки – изјави Изет Зеќири, универзитетски професор.

Учесниците на трибината додадоа дека ниту кадрите кои се произведуваат во образованието, а не се барани на пазарот на трудот, не се образуваат по законските нормативи. Академик Абдулменаф Беџети вели дека во образованието има премногу теорија, а практичната настава ја има само на хартија.

– Законски, 30 отсто од целиот образовен процес треба да биде практична настава. Но, тоа се спроведува само на хартија или, пак, воопшто не се спроведува. Ваквата состојба мора да се контролира од државните институции, кои треба да преземат соодветни мерки – вели универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети.

Денешната тркалезна маса ја организираше Факултетот за бизнис и администрација при Универзитетот на Југоистична Европа. Целта на дебатата е да се насочат и да се натераат младите да ги изберат вистинските студии, со кои полесно ќе најдат работа./Meта

Слични содржини