Седумдесеттина активисти на здруженијата за заштита на животни „Анималија“ од Охрид, „Анима ворлд“ од Струга, како и љубители на животни и граѓани, денеска во Охрид протестираа против нехуманиот третман врз животните, конкретно против зачестените случаи на труења на кучиња низ градот.

otrueno_kuce2

Тие пренесоа порака дека не сакаат да живеат во општество што ги толерира таквите појави, со забелешка дека самото игнорирање на таквите случаи се поддршка на злото.

– Со овој протест се обидовме да пренесеме порака да се стави контрола на продажбата на отрови, што се употребуваат за труење бездомни животни, при што не ретко се убиваат и нечии миленичиња. Најчесто тие отрови од под тезга во земјоделските аптеки се продаваат, поради тоа што не е потребен рецепт за нив, ниту пак има строга контрола за нивна продажба и нивна употреба…Воедно го кренавме и нашиот глас поради пасивноста која најчесто МВР ја покажува по нашите пријави за труење животинки, како и пасивноста на ветеринарниот инспекторат за да се расветлат овие грозоморни случаи, стои во пораката на учесниците на собирот.

– Поставувањето на отрови не е решение, не само што не е хуман и цивилизиран начин, туку и не придонесува за намалување, напротив бројот на бездомни животни бележи зголемување. Со тоа само се доведуваат во опасност не само животните, туку и животите на луѓето, изјави Јована Мојсоска, активист во Здружението за заштита на животни „Анима ворлд“ од Струга.

Истовремено, тие укажуваат на постоечката законска регулатива чии одредби укажуват дека животните треба да се третираат како свесни суштества, забрануваат предизвикување болка, патење и повреди, сурово однесување и нехумано однесување и убивање животно за кои законот предвидува глоби во висина и до три илјади евра.

Законската регулатива предвидува и затворски казни до три години за оние што спротивно на прописите за заштита на животната средина и природата складираат, оставаат или расфрлаат отпадни матерни или со нив постапуваат на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата или водотекот, во мера што може да ги влоши условите за живот на лугето или животните или растенијата и да го загрози нивниот опстанок./ МИА

Слични содржини