Во пожар речиси целосно изгоре дом на 5 -члено кривопаланечко семјство

од Vladimir Zorba

Во голем пожар, кој избувна во приватен стан во колективна станбена зграда позната како зграда на „Карпош“ во Крива Паланка, речиси целосно изгоре домот на петчленото семејство Давитковски.

Пожарот е пријавен во 17 часот и 16 минути, а екипи на Територијалната противпожарна единица Крива Паланка на местото излегле во 17 часот и 20 минути.

– Пожарот е локализиран во 18 часот и 20 минути, а ликвидиран целосно во 20:45 часот. Опожарен е стан на поткровје со површина од 21 метар квадратен, како и покривна конструкција околу 5 метри квадратни. На местото излегле осум пожарникари со две противпожарни цистерни и теренско возило „Лада нива“ за достава на боци со компримиран воздух. Додека една екипа веднаш пристапи кон гасење на пожарот, другата изврши целосна евакуација на сите десет станови во објектот, изјави Иле Коцевски, командир на ТППЕ Крива Паланка.

Тој информира дека по локализирањето на пожарот морал да интервенира и на запирање на дотокот на вода која поради растопените пластични цевки предизвикала протекување и поплавување на становите на долниот кат.

– По локализирањето на пожарот во задимените простории го слушнав звукот на млазот вода кој не беше од противпожарните црева, по што забележав дека цевките од водоводната инсталација се растопиле и водата во силен млаз протече кон подолниот кат. Поради ова морав да го исклучам доводниот вентил, додаде Коцевски.

Во станот со површина од 21 метар квадратен, кој се наоѓал во колективна зграда на улица „Гоце Делчев“ бб, живеело петчлено семјство, од кои две деца, средношколци, момче и девојче, на возраст од 16 и 18 години.

– Помладите беа во соседната, засебна спална, кога слушнав силен пукот. Излегов да проверам во кујната и видов дека се гори. Ги повикав син ми, снаата, децата, но огнот немилосрдно ни изгоре се што создававме со децении. Немаме ниту покрив над глава, пари, покуќнина и гардероба. Изгоре и заштедата од 30.000 денари за дрва за огрев, раскажа 67-годишната Даница Давитковска, најстар член на семејството. Таа апелираше сите хумани граѓани да помогнат во рамки на своите можности за побрзо да се санира домот.

Причина за настанување на пожарот, најверојатно е електричната инсталација, огнот брзо се проширил, а пламените јазици за многу краток период проголтале речиси цела покуќнина, мебел, електрични апарати, облека и пари.

На терен е излезена екипа од ПС Крива Паланка, која дополнително ќе ја утврди материјалната штета, а од страна на Општинската организација на Црвениот крст Крива Паланка се доставени пакети со намирници, храна и средства за хигиена.

Слични содржини