Воените злосторници се повторно на политичката сцена

од Vladimir Zorba

Да ве прашам човечки: дали е во ред осудени воени злосторници кои биле и на робија да се бават со политика? Онака баш, баш човечки? И тоа во земјата каде што го извршиле военото злосторство? Сложно ќе речете: „Не!“ Па, видете, тоа на парламентарците во Босна и Херцеговина не им пречи, туку ускратувањето на должното внимание на сторителите го сфаќаат како дискриминација. Како загрозување на човековите права, пишува Драган Бурсаќ за Ал Џезира.

А еве за што се работи. Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина не ги донесе измените и дополнувањата на Изборниот закон и на Кривичниот закон кои се однесуваат на забрана на кандидирање на осудените за воени злостори. И што е уште потажно, ваква изопачена одлука беше сосема очекувана во овој и ваков политички хабитус.

За оние кои не знаат, да ги потсетиме дека предложените измени на Законот за забрана на кандидирање на осудените воени злосторници се во согласност со праксата во европските земји, каде што е оневозможено кандидирање на избори на ваквите лица. Тоа е толку нормално и општо место што не треба ниту да се појаснува.

Но, што ќе се случеше ако Босна и Херцеговина ги усвоеше измените на законот? Можеше да се случи да станеме нормална држава, во која воените злосторници, кои ги отслужиле своите казни, можат да бидат слободни луѓе, но нема да можат да се бават со политика. И како би можеле? Замислете само, да го парафразирам писателот Фарук Шехиќ, убиеш 100 луѓе, одлежиш, се кандидираш, поминеш и добиваш 5.000 конвертибилни марки (2.500 евра) месечно. Ако тоа не е доказ дека злосторството во фигуративно и буквално значење се исплати, тогаш не знам што е.

Затоа е уште победна и мизерна изјавата на Александра Пандуревиќ и Момчило Новаковиќ, кои во име на српските претставници се огласија и рекоа дека нема да ги поддржат измените на законот. Треба да се напомене дека посочениот Новаковиќ, уште пред десетина дена, во својата изјава стамено се заложи за продолжување на политичкиот танц на осудените воени злосторници. „Ако ова се најде пред пратениците во Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, нема да има доволно мнозинство за поддршка, односно претставниците на двата народа практично тоа нема да го поддржат – Хрватите и Србите“, објасни тој.

Успешна мантра „херој, а не злосторник“

Зарем токму Србите, во чие име беше извршен геноцид и најмонструозни злосторства – од Приједор, преку Фоча, Вишеград, до Сребреница – не треба да бидат најригидните во врска со ова прашање? Зарем не треба токму претставниците на Србите во заедничките тела да ја покренат први акцијата со која не само што се забранува негирањето на геноцидот, туку и се забранува учеството во политичкиот живот на нивните поранешни штитеници, кои се осудени во Хаг, и кои си го одлежаа своето во европските затвори?

Тоа ќе се случеше ако една те иста политичко-национална матрица не е на дело, од 1995 година па наваму. Сите тие силни злосторници, сите тие силни Ердемовиќи, Крстиќи, Мрѓи, Шљиванчанини, Лукиќи, па нагоре до Краишник, Плавшиќ, Караџиќ, Младиќ и, особено, Милошевиќ, требаше да бидат ставени на столбот на срамот, пред сѐ, од српскиот народ. Ех, што требаше сè да биде, ама не е. Реалноста вели дека се создаде предоминантен наратив „херој, а не злосторник“, кој никогаш не беше санкциониран и кој беше издигнат на ниво на епопејски канон, кому во српскиот корпус не смее ништо да му се приговори. „Херој, а не злосториник“ е мантра со која се заборава и, конечно, се простува сè. И организираните убиства и политичките ликвидации на неистомислениците, и воените грабежи, и, конечно, масовните злосторства и геноцидот.

И сето ова искапено во бањата на заборавот. Затоа не е за чудење институционалното прекројување на историјата, не се за чудење сите тие силни одликувања, со кои првиот човек на ентитетот Република Српска во БиХ, Милорад Додик ги закити осудените воени злосторници. И пред крај (бидејќи крајот сѐ уште го нема), зошто Момчило Краишник, половина бизнисмен – половина воен злосторник, велам, зошто тој Краишник повторно не би се впуштил во пливање во политичките води, кои од еден предвоен ситен криминалец создадоа „виден граѓанин и основачот на Република Српска“, што и да значи тоа? Ако го дочекаа ТВ-камерите на Додик, хеликоптери и пренос во живо, сосе студентите во организациониот одбор за дочек, зошто Момо да не се активира повторно?

Некои од нив, посклони кон здравиот разум, ќе речат: па точно е дека одлежа, може да поседува лична карта и возачка, но не и да се бави со дејност во која го сторил злосторот – политиката. Бидејќи тоа би било исто како на педофил кој одлежал робија некој да му понуди работно место воспитувач во градинка. Или на Др. Менгеле да работи во некоја клиника. Или … ма веќе знаете како оди тоа со аналогиите во нормалниот свет. Во нормалниот да, но кај нас – јок!

Наместо да се сокрие во глувчешка дупка, Краишник сѐ уште ја мерка арената за политичка трка во 2018 година на општите избори. Мерка, па, како невеста, „тврди пазар“ (се премислува). А сето тоа со голема поддршка на младите српски политичари и отсуството на законот кој Крајишник и нему сличните засекогаш ќе ги оддалечеше од политиката. Зашто, надвор од умот е Краишник, или било кој човек, чија политичка и идеолошка основа му била отскочна даска за воени злосторства да се појави на политичката сцена повторно. Надвор од умот, повторувам!

Поддршка на колегите од другата етничка припадност

А од друга страна, да ги видиме само малку пониските нивоа на власта и како тоа таму „се турка“. Еве ви ја, на пример, општината Шамац. Во Шамац, Благоја Симиќ, човек кој беше суден во Хаг и кој беше на робија 12 од 17-те години, е директор на Здравствениот дом. При тоа, тој е исто така и советник во локалното собрание на општината. Но, тоа не е сѐ. Тоа што е уште полошо е фактот што партиите собрани околу Бошњаците и Хрватите го одобрија неговото назначување за директор на Здравствениот дом. Треба ли да го споменам Симо Зариќ, поранешен заменик градоначалник на општина Шамац?

И затоа е „нормално“ локалните националисти да ги поддржуваат своите „колеги“ од другите етнички групи. И тогаш сè е дозволено, и сè е според законот. Тогаш „случајот Крајишник“ всушност ќе биде печат на правилото според кое воените злосторници кои ја отслужиле казната (п)остануваат ѕвезди и селебрити, а не луѓе кои се морално потклекнати и треба на слобода да го согледаат сиот свој пад. Тука е „братот Хрват“ Дарио Кордиќ, етаблирана икона на дел од католичкото свештенство и политичката десница во Хрватска и Босна и Херцеговина. Не треба да се заборават ниту „бошњачките херои” Енвер Хаџихасановиќ, воен командант на Третиот корпус, и пензионираниот полковник Амир Кубура, кои се добредојдени гости на националистичките приеми на Бошњаците. За Фикрет Абдиќ, началникот на Велика Кладуса, не треба да се трошат зборови …

Но, ниту еден од нив не почна толку експлицитно да се меша во своите „воени работи“ како Краишник.

И затоа треба да се истрае и да им се покаже на осудените лица на ќошот на анонимноста, каде што им е и местото. Затоа што ако тоа не сме во состојба да го направиме, не сме подобри од нив, сигурно. А нашите избрани претставници покажаа дека не само што не се во можност да донесат една таква одлука, туку дека неизгласувањето на истата е „очекувана“ работа.

Слични содржини