( ФОТО) Анима Мунди: Затвор за монструмот кој со стрела застрела куче!

од desk2

„Бараме итна реакција на институциите, подрачната полициска станица од Струмица да се гони кривично и казни со казна затвор монструмот кој со стрела застрела мирно бездомно куче! Ова куче трпи невидена болка, се бори за живот, а застрелано е во двор, во приватен имот. Луѓето го знаат сторителот, кој без страв се заканува и понатаму.

Шокантни се фотографиите кои стигнаа до нас како и тврдењата на граѓаните дека полицијата не реагирала никако по пријава за вакво брутално дело, кажувајќи дека не е надлежна за истото, иако и сторителот е посочен.
Во каква држава живееме ние доколку ваква екстремна суровост се игнорира или толерира, какви институции не штитат нас граѓаните и животните?

Ова е само еден од стотиците случаи на екстремна суровост за кои сведочиме, кои се белег на нашето насилно и деградирано општество кое е такво бидејќи институциите молчат, не превземаат ништо! Итно бараме да се постапи а овој монструм да добие казна затвор зошто ништо помалку не заслужува; итно бараме да се стави на дневен ред нашата иницијатива за формирање наменска Полиција/служба за животните, која ќе работи само во доменот на превенција/евиденција /санкција на насилство врз животни; која ќе дејствува сериозно и темелно; која ќе биде сочинета од специјално обучени активисти и љубители на животни, а не лица кои таквите дела ги обезвреднуваат, дејствуваат само доколку се јавно притиснати, случаите ги третираат како само дополнителна бирократска обврска и ги циркулираат по бескрајните институционални лавиринти, без да добијат соодветна правна завршница!

Најстроги казни бараме за насилство – мачење – убивање на животните, зошто насилството е насилство без разлика дали е жртвата животно или човек! Казни затвор за сторителите зошто само така општествено може да напредуваме, само така може да ја унапредиме безбедноста и мрднеме од срамната мртва точка во која децениски е заглавена Република Македонија“, соопштуваат до Анима Мунди.

Слични содржини