Вработените на „Фени“ повторно го блокираа патот Градско-Прилеп: Кој ја искреира кризата во Комбинатот и зошто – работниците најавија радикализација на протестите!?

од desk4

„Нека дојдат да докажат што е проблемот.“ вели работник од Фени.

На работ на трпението се работниците на кавадаречки Фени. Итно ги бараат претставниците на банките кредитори и вицепремиерот Кочо Анѓушев да дојдат на блокадите и лично да им објаснат што планираат со комбинатот. Децидни се дека нема да отстапат од блокадите. Патот Росоман – Прилеп денеска беше во прекин три часа. Работниците се револтирани што веќе два месеци се без плата, а она што им го ветил стечајниот управник не им се допаѓа, информира ТВ24.

„Пред малку бевме известени дека платата за ноември ни е спремена, а за октомври ќе оди во стечајна маса. Ако одеше по редослед, требаше прво за октомври. Ни ветија дека ниту еден вработен нема да биде отпуштен“ – вели Ѓоре Палитов – претседател на синдикатот на Фени.

Со 100 шлепери на блокадите, својот револт го искажаа и превозниците. Се жалат дека поради стечајот во Фени, нивните фирми пропаѓаат, а на вработените не можат да им исплатат плати. Тие се заканија дека ќе ја прекинат соработката со трите банки – кредитори на Фени.

„Бараме од банките да го прифатат долгот и нас да не исплатат и ни се должни 4 милиони евра. од март немаме земено плата и не престануваме сè додека не ни излезат во пресрет.“ – вели Трајче Пејовски – претставник на превозниците.

Работниците денеска ги посети лидерот на синдикатот за енергетика Пеце Ристески, кој им соопшти дека вчера имал состанок со првиот човек на Комерцијална банка, Хари Костов.

„Костов вети дека се сѐ прави и најдоцна утре да се исплати една плата и јас не знаев дека се планирало ноемвриска плата, јас мислев дека октомвриска и најава дека ќе се правеле пресметки за ноемвриската.“ вели Пеце Ристески – претседател на Сиер.

Тој ја поддржа идејата протестите и блокадите да се радикализираат. Заедно со синдикатот на Фени се договорија да бараат одговори од стечајниот управник околу судбината на комбинатот. Блокадите продолжуваат и следните денови. И додека тие траат, телевизија 24 дознава дека утре финансиската полиција ќе поднесе нови кривични пријави против луѓе вмешани во креирањето на кризата во Фени.

Слични содржини