Втор ден од посетата на Заев во Софија, во фокусот економијата

од Vladimir Zorba

   Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска во рамки на официјалната посета на Република Бугарија заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески ќе се сретне со министерката за енергетика Теменушка Петкова.

Денешниот втор ден од посетата на премиерот Заев на Република Бугарија е посветен на економијата. Вчера тој ја почна посетата со средба со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, а попладнето имаше средба со претседателот Румен Радев, јави известувачот на МИА.

На средбата со Борисов, премиерот Заев доби поддршка и помош на патот кон интегрирањето во ЕУ и НАТО, договорија потпишување на договор за добрососедство, што според најавите, треба да се случи на заедничкото чествување на Илинден во Македонија.

– Ние сме за единствена Македонија и за нејзино членство во ЕУ и НАТО, рече Борисов и додаде дека Македонија веќе е внатрешно политички стабилизирана и има историска шанса да направи нејзините граѓани да се чувствуваат подобро.

Заев по средбата со Борисов нагласи дека Бугарија како прв сосед сака да и помогне на Македонија, да се интегрира во НАТО и ЕУ. – За нашата земја нема алтернатива освен полноправно членство во ЕУ и НАТО. На билатералните состаноци што ги имавме прво на средбата како премиери, потоа и со нашите владини кабинети, отворивме нови надежни перспективи на досегашното големо пријателство меѓу двете земји, рече Заев и додаде дека Македонија затвора едно поглавје на национализам и отвора поглавје на заедничка европска иднина.

Двајцата премиери истакнаа дека во однос на договорот за добрососедство треба да се допрецизираат некои детали кои ќе се работат во министерствата за надворешни работи.

– Со договорот сме многу блиску. Станува збор за некои термини за кои откако ќе биде потпишан договорот да нема никакви дискусии и да нема никакви претензии. Тоа е поради идните генерации и до 2 август да се најде вистинско решение. Тоа е добро и за Брисел и за нашите граѓани бидејќи немаме право граѓаните од Балканот да ги држиме надвор од Европа. Ние немаме поблизок народ и затоа кога историчарите ни предлагаат термини со кои ќе ја гарантираме иднината ќе дадеме добар пример и на другите балкански земји и ќе го отвориме патот на Македонија кон Европа и НАТО, истакна Борисов.

Премиерот Заев вчера попладне се сретна и со бугарскиот претседател Радев, кој изразил поддршка за евроинтеграциските аспирации на Македонија и посочи дека во новата реформска Влада на Македонија гледа можности за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Бугарија.

– Владата на Македонија е цврсто определена низ потребните реформски процеси и развивањето на добрососедските односи да го осигура патот кон стратешките цели ЕУ и НАТО. Република Македонија и Република Бугарија споделуваат иста визија за регионот, интеграцијата во европските и евроатланските интеграции и среќен сум што постои свесност и одговорност од двете страни за постигнување напредок во таа насока очекувам поддршка од нашиот сосед Бугарија за европските перспективи на Македонија по преземањето на претседателството на ЕУ о страната на Република Бугарија во јануари 2018 година, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев во Бугарија е придружуван од вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, министрите за надворешни работи Никола Димитров, за транспорт и врски Горан Сугарески и за култура Робeрт Алаѓозовски.

Слични содржини