За нас

На Македонија ѝ недостига вистинита и точна информација.

На Македонија ѝ недостига слободен медиумски простор, каде што слободно се објавуваат точни и вистинити информации, без шпекулации, без навреди и девалвирање на другиот, каде што со право доколку се згреши ќе можете да се извините и да објавите демант. На Македонија ѝ недостига професионалноста во новинарството и токму поради тоа сакаме да ја смениме насоката кон врвот, наместо кон дното. Има премногу лажни и непроверени вести. Тоа ја заблудува јавноста.

Всушност тоа беше мотото и причината, кога почнавме.

Се обидуваме да покажеме дека новинарската професија не е еден извор, не е еден град, не една држава, дека сè е локално и истовремено глобално и дека новинарство е само тоа што се потпира на факти, другото е лага и пропаганда. Нема сиво, тоа е манипулација. Има црно и бело, лага и вистина. Толку.

Токму поради тоа, тргнувајќи од потребата за точни информации на граѓаните, слободен простор за вистинските новинари и оние кои тоа сакаат да бидат, по професионалните стандарди на еснафот, го создадовме просторот Локално.мк. Медиумска писменост и за професионалците но и за читачката публика.

Ние сме вљубеници во пишаниот збор и во новинарската професија, секогаш на страна на граѓанинот, против криминалот и корупцијата, говорот на омраза, дискриминацијата, кршењето на човековите права, газењето врз достоинството на секој човек и на новинарската професија. Ние сме за гласност и критички однос, отчетност, бидејќи само тоа ги движи напред и професијата и власта и опозицијата. Ние сме против пропагандата и лажните вести кои го преплавија медиумскиот простор.

Токму поради тоа ние се обидуваме да направиме избор на она што се случува во регионот, да ги следиме светските настани, да преведуваме вистински спакувани новинарски производи од сите релевантни и професионални светски медиуми, агенции, новинарски имиња, колку за показ дека во регионот, во Европа, во светот, па еве и кај нас може да се работи и да се сака професијата. Идејата е ширење на она што е релевантно. Информацијата мора да се шири и да допре до секого, не од еден извор туку од повеќе релевантни извори. Не само од нашите туку и од сите професионални медиуми. Му даваме многу повеќе простор на НИЕ отколку на ЈАС! МОРА да имате право на избор на информација, не еднострано перење на мозок од само од едни партиски извори, туку избор на повеќе извори.

Нашиот избор, (ре)објави на домашни и преводи на странски вести, анализи и информации, наши авторски текстови и ставови, илустрации, се обид за понуда, како и да се покаже разликата што е вистинска, а што пропагандистичка и злоупотребена информација, да се натера граѓанинот да истражува, да ги чита и редовите и меѓу редовите.

Јавноста има право да знае што се случува, јавноста има право да биде информирана. До колку не сакате вашите медиумски продукти да бидат дел од нашата понуда, јавете ни и ќе бидат тргнати, или нема да бидат користени. Однапред се извинуваме. Ние сме пред сè за соработка со професионалците за возврат нудиме наша соработка на исто ниво во секое време.

Проектот Локално.мк го работат и професионалци и почетници, почетници студенти кои сакаат да се пробаат во оваа јавна работа. Користиме пред сè проверени информации, но и објави и на Фејсбук и Твитер и целиот пакет од социјалните медиуми.

Во Локално.мк досега работеле, помагале, партиципирале над дваесетина искусни новинари, фоторепортери, сниматели, монтажери, над триесетина почетници, студенти по новинарство и остануваме и натаму слободен простор за тие кои сакаат да пишуваат, објавуваат, преведуваат, работат без притисоци, но само според стандардите на новинарската професија.

Намерно не грешиме ама тие што работат и грешат, ние умееме и да се извиниме и да признаеме кога грешиме, и токму поради тоа секогаш сме подготвени за професионална соработка, споделување на информации, и градење на професионалните стандарди. Тоа сме ние, а ако тоа е и вашиот избор пишувајте, посочувајте, јавувајте, преведувајте, објавувајте … сè во име на вистината и новинарската професија. Ако се лажни информациите, јавете ни за да ги демантираме, или ако не сакате вашите информации да бидат објавувани на нашиот сајт предупредете и веднаш ќе бидат тргнати.

Нашата цел е да направиме разлика што е новинарство, што се новинари и што натрапници во професијата, што се точни и проверени, а што лажни вести.