Почетна / Актуелно / За стечај на „Графички центар“ ќе се решава на 10 мај

За стечај на „Графички центар“ ќе се решава на 10 мај

Во Основниот суд Скопје 2 за 10 мај е закажано рочиште на кое ќе се одлучува дали фирмата „Графички центар“ ќе оди во стечај, неофицијално дознава БИРН. Имотот на фирмата е замрзнат и преминат во рацете на привремен стечаен управник.

Како што дознаваме, предлогот за стечај бил предложен од две фирми, една тетовска и една бугарска, кои имале побарувања од „Графички центар“.

„Графички центар“ е сопственик на Медиа Принт Македонија (МПМ), издавач на весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, „Теа модерна“ и порталот „Телеграф“.

Сопственици на „Графички центар“, пак, се „Телеграф“ (со удел од 3,4 милиони евра) и „Мирекс“ на Срѓан Керим (со удел од 1,7 милиони евра).

Во меѓувреме, отворена беше нова фирма, со слично име, Медиа Принт ДООЕЛ, која објави неколку огласи за вработувања на новинари и уредници. Новата фирма близначка е во сопственост на Александар Динев, дел од актуелниот менаџмент на МПМ.

Претпоставките се дека дел од вработените во МПМ ќе преминат да работат во новата фирма, а дел ќе останат без работа.

Случувањата во најголемиот издавач на весници и заканата од оставање без работа на голем број новинари и медиумски работници ги осудија и Синдикатот и здружението на новинарите.