Задоцнетиот официјален почеток на скијачката сезона на Попова Шапка со многу проблеми

од Vladimir Zorba

Многу проблеми го обележаа задоцнетиот почеток на скијачката сезона на Попова Шапка. Ски-лифтовите и жичниците работеа само половина час, а скијачите нервозни ги напуштија скијачките терени.

– Оваа скијачка сезона на Попова Шапка е катастрофална. Сите ски-центри проработеа, тука абер немаат. Денеска најавија дека ќе ги пуштат ски-лифтовите, но имаше постојани дефекти уште претпладне престанаа да работаат. Ништо тука не функционира, ниту ратраците не ги тапкаат ски-патеките – вели една скијачка која попладнево нервозна го напушти скијачкиот центар.

Сопствениците на хотелите на Попова Шапка велат дека без ски-лифтови и ски-патеки, центарот не може да функционира.

– Требаше одамна да проработат ски-лифтовите. Без нив, ние немаме гости. Навистина немаше доволно снег и дуваше ветер, но колку за скијање, имаше снег, кој претходно требаше добро да се натапка. Сепак, службите не беа подготвени добро и снегот го оддува ветер. Сега гледаме дека и кај ски-лифтовите се појавуваат дефекти, значи и тие не ги подготвиле – вели еден сопственик на хотел на Попова Шапка.

Од раководството на скијачкиот центар Попова Шапка, кој е во сопственост на државната компанија „ЕЛЕМ Турс“, денеска одбегнуваа да дадат каква било изјава или коментар, околу задоцнетиот и неуспешен почеток на скијачката сезона, која во неколку ски-центри во Македонија трае веќе неколку недели.

Слични содржини