Заев ја понуди амнестијата како дел од решението за условите во затворите

од desk2

Премиерот Зоран Заев беше згрозен од условите во затворите, и по денешната посетана затворот Идризово, рече дека се срами што е премиер на земја во која затворите се под сите хумани стандарди.


„Се срамам што сум премиер на земја каде што затворите се надвор од сите стандарди на хуманост и социјалниот аспект на животот на лицата кои се осудени и издржуваат казна во казнено-поправниот дом Идризово“, порача денеска премиерот Зоран Заев при посетата на затворот по покана на Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија.

– Очекувам да се отвори дебата, пред се институциите кои се надлежни и многу често повикани од Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет, како и од многу граѓански организации и активисти. Многу често нашите сограѓани коишто издржуваат казна знаат да испратат апел и порака преку социјалните медиуми испраќајќи слики на нивните услови и токму поради ова денеска сме овде, појасни Заев.

Ако според стандард треба да има 850 затвореници овде, посочи премиерот Заев, во Идризово има 1.850 затвореници.

– Тоа само по себе покажува какви последици повлекува. Тоа на луѓето со слабо здравје е дополнителен проблем, а зборуваме за здравје на луѓе. Храната веројатно е дополнителен проблем со самата бројка, која, исто така, е лоша. Луѓето кажуваат дека за да имаат колку толку минимум неопходен оброк и квалитетна храна, мора да додаваат од дома преку пакети кои им ги носат, а дел си готват во самите простории, истакна Заев.

Едно од решенијата, според Заев, е законот за амнестија, тема која, како што рече, е веќе отворена, веќе неколку невладини организации имаат отворено дебати, а Народниот правобранител и Министерството за правда имаат свои мислења.

– Ќе го отвориме ова пред самите институции да можат да ја донесат одлуката соодветно на она што меѓународната пракса го познава, истакна Заев и порача дека е убеден и знае оти мора да се тргне кон оваа постапка која, според него, со ваквата бројка на затвореници и услови не е конечно решение.

Заев изрази увереност дека Владата и Парламентот се подготвени за брзо решавање на лошите и нехумани услови во затворите.

Слични содржини