Заев ќе ја убедува Грција да дозволи да влеземе во НАТО под референцата

од Vladimir Zorba

Премиерот Зоран Заев во интервју за МРТВ изјави дека планира експертската фела да биде вклучена во изборот на јавниот обвинител, но и експерти да ја водат државната телевизија.

Заев истакна дека разрешувањето на јавниот обвинител и измените во судството не неопходни имајќи предвид дека проблемите со правосудниот систем се постојано нотирани во извештаите на Европската комисија.

– Размислувањата кои ги имам јас се како да дојдеме до постапка да мотивираме за функцијата јавен обвинител независни луѓе кои немаат никаква поврзаност со политика а имале гласни ставови, некој кој оставил впечаток пред граѓаните и е подготвен да се фати во костец. Процесот на одлучување започнува со заминувањето на Марко Зврлевски. Ако порано почнеме со реформите, побрзо ќе стигнеме до целта – рече Заев и ги повика сите заинтересирани експерти и претставници од судската фела да се произнесат јавно, за да јавноста да може да ги оцени и да има јавна дебата.

Новиот премиер рече дека јавниот сервис мора да биде раководен од експерти и оти не смее да се случи да стане само гласило на власта.

– Укинувањето на радиодифузната такса ќе биде направено со пакетот за реформи во медиумите, не може сега да ја укинеме, а финансирањето да стапи на сила во 2018 година – рече Заев, додавајќи дека новата влада нема да има рекламни кампањи, туку се што ќе проведуваат преку соопштенија пласирани преку јавниот сервис.

На прашање дали е возможно заедно со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори, Заев истакна дека веќе има ново парламентарно мнозинство и дека нема потреба од нови парламентарни избори.

Во однос на спорот околу името, рече дека опозицијата ќе биде вклучена во целиот процес и изрази надеж дека ќе успеат да ја убедат, како што рече, пријателска Грција, да не ја блокира Македонија на патот кон НАТО и „да дозволи да влеземе под референцата“.

Заев рече дека во телефонски разговор генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, му најавил дека во текот на летото ќе дојде во Македонија и „дека ќе донесе добра вест“.

Тој истакна дека кон крајот на месецот, заедно со министрите од неговата влада ќе заминат во официјална посета на Бугарија, чиј приоритет за време на претседавање со ЕУ ќе биде зачленувањето на Македонија во Унијата.

Слични содржини