Заев: Македонија да биде напредна држава, рамо до рамо со сите европски земји

од Vladimir Zorba

timthumb-1

Коалицијата „За живот во Македонија“ предводена од СДСМ вечерва пред Стружани ја презентираше својата предизборна програма „План за Македонија“.

Лидерот на СДСМ и носител на листа во четвртата изборна единица Зоран Заев, ветувајќи подбар живот за граѓаните доколку ја добие власта на 11 декември, најави реформи во образованието, здравството, повисоки просечна и минимална плата, поголема социјална помош, враќање на ДДВ-то од 15 проценти, инвестиции во енергетскиот сектор…

– Ние сме вреден народ, тоа што го сака нашата земја е достоинствен живот, повеќе пари во секое семејство, сакаме децата да ни имаат добро образование, да имаме добро здравство, да чекаме деца и внуци околу нас, истакна Заев.

Пред стружани вети намалување на фондот на часови и бројот на предмети во основното образование, воведување практична настава во средното и укинување на екстерното тестирање.

– Децата ќе ни учат тоа што ќе им треба во животот, а не се и сешто. Истовремено во средното образование ќе воведеме практична настава. Сите деца не се за факултет, затоа ќе има и две и тригодишно средно образование, за младите што не им се учи на факултет да можат веднаш да се вградат на пазарот на трудот, да заработуваат и да основаат свои семејства. Образовниот процес ќе биде модерна европска пракса, рече Заев.

Според лидерот на СДСМ, за четири месеци минималната плата ќе се зголеми на 12.000, а до крајот на мандатот на 16.000 денари. Просечната плата, како што истакна Заев, ќе достигне до 30.000, а социјалната помош ќе ја зголеми на 12.000 денари.

– Тоа ќе го направиме директно со буџетска поддршка, нема газдите на фирмите да ги даваат разликите во плата, туку ние од Буџетот, подвлече Заев.

Законите, додаде тој, ќе важат еднакво за сите и сите што згрешиле ќе одговараат. Потсети дека Законот предвидува три до пет години затворска казна за закани, уцени, заплашувања или подмитувања.

– Наша намера е конечно сплотено и здружено да ја туркаме Македонија да биде напредна држава, рамо до рамо со сите други европски земји. Промените продолжуваат, паѓа режимот, се раѓа животот во Македонија, а ние сме на вистинската страна, ние сме победници и гарантори за иднината на нашата Македонија, додаде Заев.

Слични содржини