Заев: Новата влада ќе биде за помалку од десет дена (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

За помалку од десет дена ќе се обидам да ја формираме новата влада и да почнеме со работа, рече лидерот на СДСМ и новиот мандатар Зоран Заев откако го доби мандатот од претседателот Ѓорге Иванов.

– Во многу брзо време ќе составам нова влада и ветувам дека ќе работиме на граѓанска, европска и унитарна Македонија. Ќе создаваме правна држава за граѓаните. Денешниот ден освен доделувањето на мандатот има и друга симболика. Пред две години на овој ден на протест, граѓаните ја испратија пораката дека се подготвени да се борат и да работат за подобра и заедничка Македонија -рече Заев.

Тој повторно повика да се остават разликите, нетрпението и деструктивните политики настрана и сите заедно да работиме за подобра држава.

– Јас сакам да имам успешен мандат, а за тоа ми треба да имам соработка со опозицијата. По она што се случи на 27 април, ден на кој сите бевме многу исплашени, не очекувам други опструкции и се надевам дека тој ден никогаш повеќе нема да се повтори – рече Заев.

 

Тој рече дека за владината коалиција ќе преговара со ДУИ, Алијанса за Албанците и Беса.

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека сите партии се договориле локални избори да се одржат на 15 октомври.

– Новата влада ќе ги спроведува изборите што ќе се одржат на средината на октомври. Сите партии се договорија и не очекувам никакви опструкции. Градоначалниците веќе втор ден работат без мандат, се надевам за брзо време тоа ќе се промени со изгласувањето на измените на Изборниот законик, па ако има потреба и со Законот за локална самоуправа – одговори Заев.

Тој додаде дека ќе се укине и екстерното тестирање.

Ова се сите одговри на новинарски прашања

 

 

Слични содржини