Заев од ОН: Македонија промовира нов пристап кон соседите, нејзина ориентација се ЕУ и НАТО

од Vladimir Zorba

   Да не се фокусираме на разликите, туку на нашите главни одговорности и да работиме за заеднички бенефит. Мора да делуваме како одговорни влади и да изградиме подобра иднина и просперитет, порача денеска премиерот Зоран Заев во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.

Тој истакна дека државите мора да се фокусирааат на имплементација на нов одржлив развој и да се создаваат нови начини за пријателство и партнерство.

– Уверен сум дека ја имаме истата цел – мир во светот. Уверен сум дека ги делиме истите заложби. Уверен сум дека на заедничките предизвици ќе одговориме со заеднички решенија. Мирот, заложбата за пристоен живот и заедничките решенија се вредностите преку кои Република Македонија успеа да надмине длабока политичка криза која дури го брануваше и нашиот регион. Ние сме мала земја полна со различности. Минавме низ тешки искушенија, бидејќи се обединивме околу заедничките вредности. Затоа Република Македонија денес е слободна безбедна и стабилна. Република Македонија е пријател со своите соседи и цврсто ориентирана кон целосна интеграција во НАТО и ЕУ, нагласи премиерот Заев. 

Тој додаде дека Македонија и четврт век по приемот во ОН се уште има отворено прашање за името со Грција, притоа посочувајќи дека двете држави веќе имплементираат мерки за градење доверба.

– Ова е многу позитивен развој. Имаме нови напори, нова енергија да ги разрешиме недоразбирањата. Признавам направивме во различни времиња грешни чекори, меѓутоа сега е време да ги затвориме овие прашања, нагласи Заев.

Сметам, додаде тој, дека постои можност Грција да го надмине проблемот што го има со нашето уставно име и да се обидеме да пристапиме од позитивен аспект, да одржуваме добрососедски и пријателски односи, но тоа го очекуваме од двете страни.

Заев потсети дека последните неколку месеци македонската Влада промовирала нов пристап кон соседите, покажувајќи капацитет да ги надмине отворените прашања.

– Нашата политика е заснована на решавање на проблемите со дијалог и соработка. Се надеваме дека таа може да ги инспирира другите и да отвори нови пристапи кон билатерални соработки во нашиот регион. Како позитивен чекор напред дозволете да го истакнам потпишувањето на договорот за соработка и добрососедски односи со Бугарија. Ова е заеднички успех на двете земји. Моментно двете земји имплементираат мерки за градење доверба. Ова е многу позитивен развој. Имаме нови напори, нова енергија да ги разрешиме недоразбирањата, рече Заев.

Тој додаде дека новата Влада во Македонија има амбициозен план за реформи со кои треба да се изградат професионални институции и да се подобри стандардот на граѓаните.

Македонскиот премиер најави дека Македонија ќе продолжи да соработува со сите земји членки од ОН и заедно да го подржува мирот во светот, човечките права и одржливиот развој.

– Унапредувањата на човековите права, демократијата и владеењето на правото мора да бидат во центарот на нашите активности, рече премиерот Заев, додавајќи дека огромните прекршувања на човековите права низ целиот свет, неказнивоста и недостатокот од одговорност, потсетуваат оти треба уште многу да се направи на овој план.

 

Во своето обраќање премиерот Заев се осврна и на мигрантската криза посочувајќи дека Македонија добро се справила со овој предизвик. Говорејќи за предизвиците со кои се соочува светот, премиерот Заев изрази загриженост и за ракетните проби на Северна Кореја и се заложи за мирна денуклеаризација на оваа земја

Слични содржини