Заев: Самитот во Трст испраќа пораки дека ќе се приближиме кон Европа

од desk2

Европската унија мора подиректно да му помогне на регионот за да се забрза неговата евроинтеграција, оцени македонскиот премиер Зоран Заев во емисијата „Окружење“ која се снима денеска на Самитот „ЕУ – Западен Балкан“ што се одржува во Трст во рамки на Берлинскиот процес.

– Премногу се чека пред вратите на Европа. Самитот во Трст испраќа пораки на охрабрување дека ќе се приближиме кон Европа и јас сметам дека тоа може да се реализира, изјави Заев, потсетувајќи дека Македонија има кандидатски статус од 2005 година, но од тогаш е блокирана поради нерешеното прашање во врска со името и спорот со Грција. Тоа, рече Заев, ги демотивира македонските граѓани.

Истакна дека новата Влада има пријателски односи кон сите соседи и нема никого да провоцира. Грција, вели Заев, може многу да и помогне на Македонија, која, како што нагласи, е подготвена да возврати на таквата помош. Македонскиот премиер забележа дека се менува односот на ЕУ кон Балканот, па така од првичната изјава на Жан Клод Јункер дека ќе нема проширување на ЕУ до 2019 година, дојде до тоа Балканот да биде во фокусот на Унијата.

Заев смета дека мора да се поттикне економскиот развој на регионот, посочувајќи оти растот не може да се сведува на 2, 3 или 4 отсто, туку мора да биде шест и повеќе проценти за да можат земјите од регионот побрзо да ги достигнат развиените држави од ЕУ за да привлечат повеќе инвеститори. Во „Окружење“, кој е прв серијал што се емитува во земјите од регионот, покрај македонскиот премиер, учествуваат и претседателот на Владата на Албанија Еди Рама, шефот на дипломатијата на Србија Ивица Дачиќ и генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Горан Свилановиќ.

Лидерите на земјите од Западен Балкан денеска на Самитот во Трст, според најавите, ќе ја потврдат заложбата за формирање регионално економско подрачје, но со укажување дека тоа не може да биде замена за членството на земјите од регионот во ЕУ. Самитот, под покровителство на Италија како претседавач на Европската Унија, е организиран на највисоко ниво. На него учествуваат премиерите на шесте земји од Западен Балкан, заменици премиери, министри за надворешни работи, за економија и за транспорт, високи државници на земјата домаќин, претседатели и премиери на одделни европски земји, како и претставници на ЕУ и на Европската Комисија, високaта претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан, како и еврокомесарката за транспорт Виолета Болц.

Предвидено е премиерот Заев во рамките на самитот, да има средби со европски државници и претставници на ЕУ, како и со премиерите на Албанија, Еди Рама, на Србија, Ана Брнабиќ, и на Словенија, Миро Церар. Претседателот на Владата на Република Македонија ќе има средба и со Борис Џонсон, министер за надворешни работи на Обединетото Кралство, кој на овој самит ќе допатува како претставник на премиерката Тереза Меј. Самитот во Трст има за цел да го поттикне придвижувањето на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан и да донесе конкретени чекори во однос на неговото инфраструктурно и економско поврзување.

За евроинтеграциите на регионот обезбеден е фонд од 1,3 милијарди евра за Западен Балкан, средства кои треба да се искористат до крајот на 2020 година за проекти во областа на транспортот, инфраструктурата, енергетиката, животната средина и иновациите, кои треба да бидат реализирани во рамките на Транспортната заедница на западниот Балкан која со свечена церемонија ќе биде основана со потписите на премиерите на замјите од регионот. Во рамките на четвртиот „Самит за Западен Балкан“ ќе бидат одржани и повеќе значајни придружни програми, како Бизнис форум за мали и средни претпријатија, Форум за млади, Работилница за борба против корупцијата и тематската дебата Дијалог со граѓанското општество./МИА

Слични содржини