Заев во ОН: Да создаваме влади што им служат на граѓаните

од desk2

Владите што сакаат да им служат на своите граѓани се отворени. Тие не се кријат. Тие откриваат, размислуваат и создаваат со граѓаните. Треба да ги искористиме постоечките механизми и да создадеме нови за да ги направиме нашите демократии стабилни, истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето на панел сесијата „Отворено владино партнерство – Враќање на довербата во владата“, што се одржа во рамките на 72. Генералноо собрание на Обединетите Нации во Њујорк.

Воспоставувањето доверба меѓу владите, граѓаните и организациите од различни видови, рече Заев, е од клучно значење за воспоставување транспарентни и енергични демократии.

– Да создаваме влади што им служат на граѓаните и соработуваат со нив, така се заложува да работи и Владата на Република Македонија, порача македонскиот премиер.

Заев напомена дека Македонија неодамна преживеа сурова политичка криза чиј круцијален дел беше, како што рече, пробивањето на приватноста на граѓаните што доведе до сериозно поткопување на довербата на граѓаните.

– Мојата порака денес е да дадеме живот на транспарентноста и на граѓанското учество, да ја изградиме довербата во Владата и демократијата. Кога сите имаат еднакви шанси слободно да ги искажат своите загрижености и кога тие се сфаќаат сериозно, тогаш ние сме во заедничка и одржлива конекција со нашите граѓани за повторно градење и преиспитување на демократијата заедно, потенцира Заев.

Според него, искуствата од Македонија покажаа дека кризата може да се надмине само низ заедничка соработка со сите граѓани, организации и политички субјекти, со силна политичка волја да се одделат институциите од партиските влијанија за да се создадат независни институции што работат исклучуво за граѓанските интереси.

– Како новоизбраната Влада, еден од нашите највисоки приоритети е да покажеме подготвеност да слушаме. Сакаме да ги слушаме нашите граѓани. Работиме во насока на воспоставување механизми за континуирана консултација со Владата, нашите министерства и агенции. Сакаме да ја смениме културата на комуникација во Македонија, рече премиерот Заев. Република Македонија во 2011 година, потсети, стана 35. членка на Партнерството за отворена влада.

Досега има направено три акциски планови. Вкупно 219 институции, 224 невладини организации, 30 учесници во приватниот сектор, девет универзитети и седум дипломатски претставници имаат свој придонес во создавањето на тековниот акционен план за 2016-2018 година.

– Покриваме осум теми, 35 обврски и планираме да постигнеме 100 цели. Посебно внимание обрнуваме на транспарентноста на Буџетот и одговорноста на владините институции, стандардизираните информации за јавните набавки и наративните извештаи за здравствените програми, подвлече Заев.

Работната група која врши надзор над спроведувањето на сегашното партнерство за отворена влада 2016-2018, предвидува,  нови механизми и вклучување на поголем број засегнати страни и останува фокусирана на транспарентност на Буџетот, јавните консултации и технолошкиот пристап за поголем број граѓани.

– Исто така сметаме дека е важно целите на Партнерството за отворени влади да се комплементарни со целите на одржливиот развој, што се однесуваат на сиромаштијата, родовата еднаквост, чиста вода и санитација, целно партнерство, климатски активности, мирот, правда и силни институции, соопшти Заев. Владата, дополни, донесе одлука дека јавните информации ќе бидат обезбедени дигитално бесплатно.

– Ова е во согласност со нашиот план за демократски реформи, Планот 3-6-9 и нашата агенда за ЕУ. Граѓаните да можат да пристапат до разни апликации, платформи за е- демократија и платформи за отворени податоци, истакна Заев. Според него, собирот на оваа тема на светско ниво покажува колку државите и раководствата се свесни за значењето на отвореноста на Владата, како што се стреми да работи и Владата на Република Македонија.

– Третиот национален акциски план на Партнерството за отворени влади ќе промовира поголема отвореност и можности за поблиска соработка со сите засегнати страни. Имаме уште многу пат за поминување, а оваа иницијатива не одржува фокусирани, напомена премиерот Зоран Заев во обраќањето на панелот Отворено владино партнерство што се одржа во ОН во Њујорк.

Слични содржини