Заев за МИА: Русија има забелешки за Македонија ама нашето место е во ЕУ и НАТО !

од Vladimir Zorba

Заев имал средба Гутереш каде бил и преговарачот за името Метју Нимиц

Македонска делегација предводена од премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, деновиве престојува во Њујорк на 72. Генерално собрание на Обединетите Нации.

Во разговор за МИА, премиерот Заев направи рекапитулација на најважните средби во Њујорк и темите дискутирани на тие средби. Тој ги сподели неговите очекувања за евроинтеграција на Македонија и укажа на пријателската позиција на новата влада во однос на соседите.
Меѓу низата настани и состанци со државници и министри на повеќе земји, тој се сретна со претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и со еврокомесарот Јоханес Хан и со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
На приемот на државници организиаран од Трамп, Заев му укажа на својот домаќин дека Македонија е пријател на САД и побара поддршка во процесите на интерграција на земјата во Европската Унија и во НАТО Алијансата.
– Америка е наш стратешки партнер, и во оваа прилика побаравме подржка за Македонија во нејзината стабилизирачка улога на Балканот, изјави Заев од седиштето на ОН во Њујорк.
Утринава, на средбата со Гутереш, Заев им посака успех на ОН во спроведување на реформите во организацијата и укажа дека генералниот секретар ја подржува Македонија во спроведување на домашните реформи и решавање на спорот којшто Грција го има со името на Македонија.
– Јас верувам дека реформите во ОН ќе ја зајакнат Светската организација и тоа ќе биде од помош на сите – организацијата да стане поцврста и пофокусирана во решавање на светските проблеми. Од друга страна, Гутереш го подржа мултиетничиот аспект во развојот на Македонија и пријателството што таа го промовира на Балканот. Но, тој е свесен за проблемот
со името и апелираше за побрзо решавање на овој проблем кој претставува кочница на Македонија во нејзиниот развој и конкретно во членувањето во НАТО и ЕУ, рече Заев.

Заев истакна дека на средбата со Гутереш бил присутен и преговарачот за името од ОН, Метју Нимиц, но дека не се отвориле детали за давање некакви решенија на проблемот.

Премиерот исто така истакна дека кај Брисел е веќе апсолвиран позитивниот аспект за Македонија од промената на власта и важната улога на новата Влада во окончување на политичката криза.

– Хан и Могерини зборуваа во суперлативи за она што значи реформи, градење на пријателство со соседите, вклучително и со Грција, и се свесни за проблемот со името. Нивна амбиција и наша голема желба е Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ во 2018 година. Нивниот став е дека сите земји во регионот мора да исчекоруваат напред. Еве, доколку Србија и Црна Гора преговараат тие прават чекор напред, но тогаш Македонија и Албанија да ги отпочнат тие преговори, изјави Заев.

Тој додаде дека сите услови што се поставени од Европската Комисија како независно судство, владеење на правото, слобода на медимуите, сервисно ориентирани државни инститции, реформирани тајни служби, новата Влада ги исполнува ревносно.

– Не само заради нив, но, пред се’, и заради нас. Успешно стартувавме, нема дилеми. Ние се надевамe на позитивен исчекор во однос на отстранување на блокадата од страна на Грција и отпочнување на преговорите. Јас сум оптимист по ова прашање, истакна Заев.

На прашањето за улогата на Русија во региониот и конкретно за подршката што Москва ја даваше на претходната влада, Заев одговори дека постои голема веројатност Русија да има забелешки во однос на членувањето на Македонија во НАТО, но дека тоа нема да го прави за нашето членство во ЕУ.

– Македонија се наоѓа на границите на НАТО и во таа смисла Москва можеби и треба да очекуваме некакви активности против натамошното проширување на воената алијанса. Но, пријателите во Москва треба да сфатат дека нашето место е во ЕУ и во НАТО и дека ние работиме да испорачаме резултати за да можеме да станеме полноправна членка во овие организации, посочи Заев.

Премиерот Заев попладнево учествува со свое обраќање на дебата на ГС и укажа дека во неговиот говор тој ќе се осврне на перспективите и преокупациите што ОН ги има во моментот, но и на проблемите во регионот.

– Даваме подршка на реформите во организацијата и во решавање на проблемите на глобално ниво, како бегалците од војните во Сирија и Ирак, Украина, проблемот со ракетните тестирања на Северна Кореја, но ќе се осврнеме и на нашиот регион, дека преку пријателство очекуваме наше интегрирање. Во 2018 година Македонија ќе слави 25 години од членувањето во ОН и би сакале на оваа важна годишнина земјава да има сериозни перспективи во интегративните процеси, изјави Заев за МИА од седиштето на ОН.

Слични содржини