Заев за „Српска економија“: Да ги оставиме старите балкански поделби и политики!

од Vladimir Zorba

Односите на Македонија со соседите беа континуирано нарушувани, додека пак напорите за влез во ЕУ и НАТО беа само декларативни, бидејќи де факто постоеше ширење на анти-НАТО и анти-ЕУ пропаганда.

Македонскиот премиер Зоран Заев порача дека е потребно да ја оставиме зад себе “старата балканска политика и поделбите”, бидејќи губиме сите заедно.

“Како дополнителен ветер во грб за нас ќе биде обновување на добрососедските односи, со чија реставрација започнавме од првиот ден. Знаете, во современиот свет успеват само оние кои се сложни и кои соработуваат во остварувањето на заедничките цели за подобар живот, преку меѓусебното помагање за заедничка подобра иднина-изјави Заев за магазинот Српска економија, што го пренесуваат повеќе српски медиуми.
Како што изјави Заев, односите на Македонија со соседите беа континуирано нарушувани, додека пак напорите за влез во ЕУ и НАТО беа само декларативни, бидејќи де факто постоеше ширење на анти-НАТО и анти-ЕУ пропаганда.

Србија-Македонија

Запрашан од страна на списанието дали продлабочувањето на политичките односи на линија Скопје – Приштина е на сметка на добрите односи меѓу Србија и Македонија, Заев одговори:

“Владата на Република Македонија секогаш ќе ги следи интересите на државата и ќе гради односи врз основа на принципите на добрососедство и на унапредување на регионалната соработка, неутралност и немешање во внатрешните односи на соседните земји”. Овој пристап кон зајакнување и подобрување на меѓусебните односи ќе остане на ист курс и во иднина- истакна Заев.

Тој како што нагласи и целата влада, безусловно се фокусирале на развојот на пријателските односи со соседните земји. “Треба да ги оставиме зад нас старите балкански политики и поделби, бидејќи во спротивно губиме сите заедно”, рече македонскиот премиер.

Македонија- Грција

Говорејќи за односите со Грција, Заев верува дека ова ќе биде еден од најголемите предизвици во оваа фаза, како и дека лично верува дека ова ќе биде тест за Македонија ” колку пораснала и созреала низ годините на изолација” и дали научила да ги цени вредностите кои носат просперитет и подобра иднина.

Македонската влада, според Заев, е фокусирана на затворање на спорот со Грција, откако по потпишувањето на договорот ги затвори отворените прашања со Бугарија.

“Во овој момент, невозможно  да се прецизира кога ќе бидат видливи резултатите кои ќе доведат до решавање на прашањето, но важно е да се разговара и да се создаде поволно јавно мислење, како во Грција така и во Македонија. Она што е важно за мене и што ми дава надеж е фактот дека ние повторно воспоставивме комуникација “, рече Заев.

Според него, чекор кон тоа е и посетата на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коцијас во Скопје. Владата на Република Македонија ќе продолжи со својата политика кон соседите без предрасуди и со подготвеност за дијалог, потенцираше Заев, како и со презентација -како што изјави “за жал” на нов политички пристап, со цел да се здобиеме со повеќе пријатели меѓу земјите-членки на НАТО и на ЕУ.

“Велам, за жал, бидејќи поради спротивниот пристап во изминатата деценија, ние бевме изолирани и лишени од перспективите кои се отвораат кога сте меѓу пријателите, како и во иднина, во која можевме да живееме доколку ЕУ и НАТО навистина ни беа приоритет”- констатираше Заев за магазинот Српска економија, што го пренесуваат повеќе белградски медиуми, пишува Б92. 

 

Слични содржини