Заев за знамето во кабинетот на Џафери: Ако се случила грешка, треба да се поправи

од Vladimir Zorba

Постојат можности до крајот на месецот да биде формирана новата влада, согласно роковите, но зависи од одлуката на Ѓорге Иванов како и од техничката подготвеност на Собранието, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по средба со претставници на ОБСЕ во „Холидеј Ин“.

Тој додаде дека е подготвен да се сретне со Иванов и да му ја гарантира унитарноста и сувереноста на државата. Заев исто така рече дека на средбата побарале ОБСЕ да се вклучи и да помогне во идните процеси на државата.

– Јас верувам дека ОБСЕ може да бидат од голема помош пред се во реформите што претстојат државните институции, правосудството, во тајните служби, во МВР, па дури и реформите во медиумите и тие може да бидат од голема помош во стабилизација на земјата, функционирање на институциите и гаранција дека никогаш повеќе нема да се случат вакви настани – изјави лидерот на СДСМ.

Заев рече дека повредените пратеници од редовите на СДСМ до сега не биле повикани во Јавното обвинителство да сведочат и апелираше државните институции соодветно да постапуваат. Според него кривичното дело Учество во толпа за кое што се гонат осомничените, не е тоа што се случило во Собранието во четвртокот.

На новинарско прашање што мисли за поставувањето на албанското знаме во кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери, Заев порача да се почитуваат законите и Уставот и дека секој треба да има правна и политичка одговорност без разлика дали се работи за нивниот коалиционен партнер.

– Законите во Македонија се јасни и тие треба да се почитуваат. Ако се случила некаква грешка, се надевам ќе се поправи. Треба сите наши политички преокупации да ги ставиме во секундарно или терцијарно значење, мораме да испратиме порака дека Уставот и законот не може повеќе да се газат во Македонија и тоа да се покажува како патриотски чин – додаде Заев./МЕТА

Слични содржини