Закажано судење за Сеад Кочан, се чека датум за судењето на Латас

од desk4

Сеад Кочан и уште двајца обвинети во случајот „Труст“ ќе се соочат со обвинители на СЈО на 7-ми ноември, во вторник. Обвинителниот акт е прифатен од судијата Марјан Грубиша, потврдија извори од обвинителството, а судот веќе ги испратил поканите до СЈО и до одбраната. Според информациите на Телма, процесот ќе го води судијката Лидија Трајковска-Зимбовска.

Од СЈО потврдија дека е примена поканата за „Труст“, во кој за злоупотреби со тендер за РЕК Битола е направена штета од над 17 милиони евра.

Случајот го одбележа „службениот пат“ на Сеад Кочан кој отпатува дента кога му беше определен притвор, а се врати откако со БЗЗ на државното обвинителство, Врховниот суд предводен од Вангеловски, одлучи да го укине притворот со прескокнување на СЈО. Потоа бизнисменот Кочан, кој е сопственик на ТВ Нова, даде гаранција од речиси милион евра и судот му го одзеде пасошот.

СЈО тврди дека фирмите Трансмет, Силекс Неметали и Вато иако не ги исполнувале условите за тендер ја фалсификувале документацијата и ја предизвикале штетата. Тендерот е спроведен во 2011-та година. Истата таа година, за судијка е избрана Лидија Трајковска – Зимбовска која е позната и по своевидниот бунт против екс претседателот на кривичниот суд Владимир Панчевски кога беше прераспоредена.

Зимбовска пред две години бараше од Врховниот суд да не им суди на своите колеги од прекршочниот оддел во рамките на случајот „Јустиција“, а потоа овој процес беше префрлен во битолскиот суд. Првиот поголем случај и беше процесот за убиството на 23-годишен маж кај езерото Козјак, а ја судеше и фризерката која преку измама продаваше станови на лековерни граѓани. Сега ќе треба да го води процесот за „Труст“.

Судот, како што потврдија од СЈО, го потврдил и обвинителниот акт за случајот „Тотал“ во кој е обвинет Драган Павловиќ Латас за даночно затајување поврзано со телевизиски маркетинг, а денот на првото рочиште дополнително ќе биде соопштено.

Слични содржини