Почетна / Македонија / Политика / Законодавната власт во Македонија е под нивото на отвореност во регионот

Законодавната власт во Македонија е под нивото на отвореност во регионот

Законодавната власт во Македонија е најотворена во споредба со извршната и судската власт, но сепак по нивото на отвореност е под регионалниот просек, покажа истражувањето за степенот на отвореност на институциите во шест земји од регионот во рамки на проектот АКТИОН СЕЕ – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Според резултатите од истражувањето, македонското Собрание исполнува 59 отсто од индикаторите на отвореност што е под просекот од 63 отсто отвореност на парламентите во регионот.

„И покрај длабоката институционална криза, Собранието сепак е најотворениот прозорец од трите власти, кој редовно ги објавува дневните редови за работа на пленарните сесии и на работните тела, видео и стенограмските записи од пленарните седници, присуствата и начинот на гласање на пратениците на пленарните сесии, контактите и биографиите на пратениците (но не и нивните плати и средствата кои тие ги побарале за надомест на патните трошоци, а кои секогаш се предмет на интерес и критика од јавноста и медиумите), како и редовно објавување на годишните извештаи. Во оваа смисла, Собранието може да претставува пример за отвореност за другите власти, особено за Владата, која не ги објавува ниту дневните редови за работа, ниту записниците и заклучоците од одржаните седници“, се вели во истражувањето.

Мониторингот покажува дека Собранијата во регионот се главно нетранспарентни кога станува збор за објавување податоци од седници на парламентарни комисии и најчесто не ги задоволуваат ниту минималните меѓународни стандарди на буџетска транспарентност кои налагаат достапност на финансиските документи за јавноста./МЕТА