Законски измени во УБК по препораки на Прибе

од desk4

Се подготвува ново законско решение по препораките на експертскиот тим на Прибе за следење на комуникациите. Освен тоа, се подготвуваат измени и во други закони преку кои ќе се реформира безбедносниот систем на земјава. Ова го најави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој денеска се сретна со претседателот на Собранието и претставници на парламентарните партии. Тој најави дека ќе биде променет секој подзаконски акт кој ќе создаде нејаснотии во врска со безбедноста на државата, информира ТВ24.

„Тука се изразува волјата на граѓаните и преку отворена дебата да се дојде до реформа која ќе биде ефикасна и ќе создаде заштита на системот на следење на комуникациите и на правата на човекот.“ – изјави Оливер Спасовски.

За измени во законот за следење на комуникациите е потребно двотретинско мнозинство. По средбата со министерот Спасовски, опозицијата изрази подготвеност да биде дел од реформите, но само доколку власта има намера реално да ги вклучи пратениците на ВМРО – ДПМНЕ во реформскиот процес.

„Пратениците од ВМРО – ДПМНЕ имаат намера да бидат дел од процесот, но доколку односот на Владата кон опозицијата е само заради слика пред меѓународната заедница, ќе треба многу енергија за да се дојде до заедничко решение“ – изјави Илија Димовски.

Според министерот Спасовски, најважно до спроведувањето на овие реформи е да се има контрола врз системот на следење на комуникациите. Поради ова, опремата за прислушување, како што најави тој, ќе биде преместена од МВР во посебен оперативен центар. Спасовски, тврди дека во моментов во Македонија нема нелегално прислушување освен следење на комуникации по издадени мерки од Врховниот суд и Обвинителството.

Инаку германскиот експерт, Рајнхард Прибе, кој дојде во земјава две години по неговиот извештај за состојбите, ги потенцираше реформите во УБК и следењето на комуникациите како најприоритетни.

Слични содржини