Запре изградбата на автопатите со кинески кредити

од desk3
Изместување на трасата поради грешки во проектирањето привремено ја стопираше изградбата на автопатот Охрид – Кичево. Кинески Синохидро ги запре машините, градежните активности на чекање, до кога – никој не знае. Грешката на проектантите на долги рокови ќе го одложи помпезно најавуваниот нов 57-киломтераски автопат, a  кинескиот кредит од 580 милони евра по сè изгледа нема да биде доволен за да се санираат штетите.

Дел од инженерите – работници на автопатот зад камерите велат дека потребна е дополнителна експропријација или ублажување на косините на усеците, а грешките биле направени при самото проектирање. Тие велат дека и надзорот утврдил дека освен ублажување на косините,потребна е и дислокација, односно преместување на повеќе објекти кои ја сечат трасата меѓу кои надземни и подземни инфраструктурни објекти, индивидуални станбени и стопански објекти.
Дополнително од Министрството за транспорт и врски информираат дека постои и неусогласеност меѓу проектната документација и состојбата на терен. Поради тоа се одлучило да се започне со претпроектирање и спроведување на правно-административни постапки за изготвување нови дополнувања на проектите. Дека според наведените причини е закочена работата потврди и премиерот Заев по средбата со кинеската амбасадорка Лин Лисјен. Тој најави и средба со кинескиот изведувач но и со другите вклучени страни во проектот со цел изнаоѓање брзо решение. Во меѓувреме, советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со остра критика, побараа работата на автопатот итно да се рестартира.
Кинескиот автопат започна да се гради пред три години, а требаше целосно да биде готов до 1 јануари 2018-та година. Но од предвидените 57 километри досега се асфалтирани само 6, а економистите велат дека пролонгирањето може драстично да ја зголеми цената, за и онака скап автопат од 370 милиони евра, за кој е отворена истрага дека е добиен по незаконски пат преку местени тендери.Прво осомничени во истрагата на СЈО  се екс премиерот Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот вицепремиер Владимир Пешевски под сомнение дека незаконски ја избрале Кинеската Синохирдо и го оштетиле буџетот за 155 милиони евра./24Вести

Слични содржини