Црвенковски ништо не мора и не треба да прави заради СДСМ, бидејќи не е во прашање судбината на партијата. Во прашање е судбината на Македонија и сериозната загрозеност за нејзината интеграциска перспектива. Ако тоа не го загрижува поранешниот шеф на државата, ако не му создава потреба и порив да се вклучи со свои ставови во јавната дебата, тогаш – што би можело да го зaгрижи?


Од почетокот на „пучот“ и „бомбите“ на опозицијата, на јавната сцена продефилираа стотици и стотици личности со ставови за генезата на политичката криза во земјава и за можностите за излез од неа. Не е важно колку и дали сите тие оценки биле точни и сите предлози конструктивни. Секој го соопштил она што го знаел, го предложил она што го умеел. Во целата таа плејада на сегашни и бивши политичари, судии, обвинители, пратеници, бизнисмени, аналитичари, политиколози, комуниколози, безбедносни и антикорупциски експерти, единствениот што не изусти ни збор за сегашната криза, е поранешниот премиер, поранешниот претседател на Република Македонија и поранешен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, анализира Катерина Блажевска за Призма.

Во 2013 се определи за самоизолација и молк, а молкот само на еден ден го прекина во мај 2014, пред конгресот на СДСМ, кога во јавноста беше прозиван да се изјасни какво лидерство ѝ е потребно на партијата и дали тој планира „да се враќа“ на нејзиното чело.

„За СДСМ, во овој момент, не сме решение ни јас, ни Заев“, рече тогаш Црвенковски и за лидерската функција го препорача Стево Пендаровски. Потоа повторно му се предаде на молкот.

Ако тоа имаше некаква смисла тогаш, со цел неговите изјави да не се доживуваат како мешање во работата на тогаш новоизбраното легитимно раководство на партијата (двоецот Заев – Шеќеринска), денес тој молк губи секаква смисла. Не можам да прифатам дека повредената суета од отсуството на покана за конвенцијата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски може да има продолжено, но и дисперзирано дејство и за сите други прашања кои драматично го надминуваат тој теснопартиски корпус. Што е тоа што би го принудило секогаш елоквентниот, мудар „играч“ и креативен оратор, на таков тежок завет на молк во ваква тешка ситуација!?

Имено, тој ништо не мора и не треба да прави заради СДСМ, бидејќи не е во прашање судбината на партијата. Во прашање е судбината и иднината на Македонија, нејзината фрагилна сегашност и сериозната загрозеност за нејзината интеграциска перспектива. Ако тоа не го загрижува поранешниот шеф на државата, ако не му создава потреба и порив да се вклучи со свои ставови во јавната дебата, тогаш – што би можело да го загрижи?

Патем, никој од него не бара да ги глорифицира или поддржува потезите на СДСМ по линија на сегашна или некогашна партиска припадност. Напротив, никој не му брани и целосно да ја оспори „бомбашката стратегија“ на СДСМ ако има цврсти аргументи за тоа или ако смета дека тие сами по себе не се доволни како иницијална каписла за разврска на кризата. Но, со оглед дека во неговиот мандат беше обелоденета аферата „Големото уво“, неговите искуства од тој период, од времето на кризата во 2001 година, вклучувајќи го и формирање на владата на широка коалиција, можат да бидат драгоцено искуство во смисла на сугестии и препораки како да не се повторат некои грешки од минатото. Тоа е она што, не СДСМ, туку граѓаните имаат право да го очекуваат од поранешниот шеф на државата. Во спротивно, комуникацијата и натаму ќе остане исклучиво еднонасочна, целосно непримерна и несоодветна.

„Поштарот“ редовно ќе му ја доставува претседателската пензија, а тој нема да чувствува потреба да го достави своето мислење до граѓаните – не заради тоа што тие го плаќаат, туку, пред сѐ, затоа што ги почитува и ја респектира нивната загриженост за иднината./ повеќе на Катерина Блажевска Призма

Слични содржини