Заврши 43. Меѓународна ликовна колонија „Куманово 2017“

од Vladimir Zorba

  Во комплексот Пелинце синоќа свечено беше затворена 43-тата Меѓународна ликовна колонија „Куманово 2017“ на која учествуваа 19 ликовни уметници од Македонија, Србија, Романија, Турција, Франција.

Уметниците креираа 40-тина дела  работени во класични техники на ликовното изразување, главно сликарство. Колонијата веќе четири децении заеднички ја организираат  НУ Музеј и општина Куманово со поддршка на Министерството за култура. На синоќешното свечено затварање на колонијата во Пелинце присуствуваше и заменик министерот за култура Владимир Лазовски.

– На годишенава колонија учествуваа афирмирани уметници, од повеќе држави, оставија 40-тина дела, со што дополнително ќе го збогатат фондот на дела од колонијата кој брои повеќе од 1000 дела, изјави директорот на НУ Музеј Куманово, Богдан Таневски.

Секретарот на општина Куманово, Валентина Алексовска, рече дека создадените уметнички дела од оваа колонија ќе можат да се видат на изложба која традиционално ја организираат музејот и општината, во ноември во чест на денот на ослободување на Куманово.
Организаторите велат дека годинашнава колонија е во рамките на очекувањата на стручната јавност.
– Како една од  етаблираните колонии на ниво на државата, имавме исклучителна селективност при изборот на уметниците кои гостуваа на колонијата. Тие работеа во рамки на нивната ликовна препознатливост, бидејќи се работи за изградени автори, препознатливи во нивните држави и воопшто во регионот, изјави Драгана Спасковска, кустос во НУ Музеј Куманово.
Учесниците на годинашната колонија, академски сликари, се задоволни од организацијата. За време на своето творење се инспирирале од непосредната убавина на комлексот, но и од многубројните културно-историски споменици и природни реткости, меѓу нив и локалитетот Кокино, во околината на Старо Нагоричане.
Академскиот сликар Мирко Стокиќ од Србија, истакна дека е задоволен од условите за работа кои ги понудиле организаторите, а од друга страна е импресиониран од околината, но и од луѓето.
Уметникот од Македонија, Марина Цветановска-Мартиновска, изјави дека е чест што учествува на оваа колонија на која имала можност да размени искуства во своите колеги о другите држави.
Интернационална по својот карактер, колонијата повеќе од четири децении  (од 1974 г.) се оддржува на различни локации започнувајќи од манастирот Прохор Пчињски, манастирот во Матејче, а последниве години во Пелинце. Колонијата „Куманово“ е меѓу најстарите ликовни колонии во државава. Досега, на колонијата учествувале над 300 уметници  од светот  кои оставиле преку 1.300 дела. Изработените дела од претходно одржаните колонии, се изложени во простории на државните и општинскитеинституции.

Слични содржини