Заврши годишниот „Самит 100“ на бизнис-лидери од Југоисточна Европа во Скопје

од desk2

На 6-от годишен настан „Самит 100“ за бизнис-лидери од ЈИЕ, чиј фокус беше поврзување на регионот како основа за зајакнување на соработката преку економска и транспортна поврзаност, но и политичка координација и стабилност. Беше заклучено дека се неопходни големи инфраструктурни проекти кои ќе овозможат слободно и побрзо движење на луѓето и стоките, како и дигитализација која е двигател на промените.

Најголемиот бизнис-собир на овие простори – „Самит 100“ за бизнис-лидери од Југоисточна Европа се одржуваше во Скопје на 16 и 17 октомври во присуство на повеќе од 150 еминентни претставници на бизнис-сектор од ЈИЕ, премиери од 4 земји и нивни делегации, делегации од ЕУ, министри и меѓународни финансиски институции и повеќе од 120 акредитирани новинари од 8 земји од цела Југоисточна Европа.

„Веќе на третиот ден по завршување на ‘Самит 100’, откако ги сумиравме впечатоците од овој значаен регионален настан, со сигурност можам да кажам дека како регион навистина имаме голем потенцијал – од производство на храна, кое само треба да се крене на едно повисоко ниво на обработка, стандардите, до енергетските потенцијали на регионот кои сѐ уште не се доволно искористени пред сѐ во обновливите извори на енергија, до туризмот и она што имаме да го понудиме на глобалниот пазар, но кое е сѐ уште на основно ниво. Навистина има многу што нѐ поврзува сите од овој регион, почнувајќи од историјата, јазикот и географската одредница, па сѐ до економијата и немам дилема дека единствен прав пат да дојдеме до максимални ефекти на овие потенцијали е токму регионалната соработка. Дополнително, од исклучителна важност е да го спречиме т.н. ‘одлив на мозоци’ и да ги искористиме предностите на дигитализацијата, со цел на некој начин да успееме да промениме сѐ“, изјави Јелена Радуловиќ, програмски директор на САМИТ100.

Свое обраќање на САМИТ100 имаше и еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц, која ја потенцираше важноста на оваа бизнис-иницијатива и истакна дека од година во година е сè поубедена дека САМИТ100 станува исклучително важна платформа за регионална интеграција. Таа порача дека од клучно значење за регионот е неговата интеграција во Европската Унија и дека земјите од Западен Балкан треба да го искористат излегувањето на ЕУ од кризата.

Исто така, на САМИТ100 се најави и стартот на проектот „е-Скопје“ како продолжение на проектот „Едисон“ кој е регионален проект за електрификација на автопатиштата во регионот и има цел да обезбеди масовно прифатлива електрична мобилност во регионот преку регионално развиени решенија и да дејствува како иновативен центар на ЕУ.

Идеите и заклучоците на самиот крај на „Самит 100“ беа презентирани на претседателите на Владите на Република Македонија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина кои заеднички констатираа дека ако се обезбеди поволна бизнис клима преку надминување на царинските бариери, подобрување на работата на јавната администрација, реформи во образовниот систем, изградба на инфраструктура која ќе ги поврзува, земјите од Западен Балкан – економиите на регионот, со предвиден раст од 5 отсто, ќе станат поконкурентни и ќе се обезбеди побрз влез во Европската Унија.

Слични содржини