Заврши повикот на Град Скопје за субвенции за купување печки на пелети, пристигнати 324 барања

од desk4

Заврши јавниот повик на Град Скопје за субвенции за купување печки на пелети за граѓаните на подрачјето на Град Скопје. На повикот до Град Скопје пристигнале 324 барања од граѓаните.

„Комисијата веќе ги разгледува пристигнатите барања и врши увид на инсталираните печки кај барателите коишто ги исполниле условите наведени во објавениот Јавен повик.

Имено, Градот Скопје, со цел да ги стимулира жителите на Скопје (домаќинствата) да користат обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, распиша Јавен повик за надоместување дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2017 година, кој траеше од 15 до 22 ноември 2017 година.

Со овој јавен повик, кој се реализира по принципот „прв дојден прв услужен’’, ќе се обезбеди поврат на средства за купување печки на пелети во висина од 70%, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход.

Право на учество на овој Јавен повик имаа жителите на Скопје (домаќинствата) во општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај, коишто купија печка на пелети за затоплување на својот станбен простор од денот на објавувањето на Јавниот повик до денот на завршувањето на повикот и поднесоа барање за искористување на правото за надоместок.

На Јавниот повик немаа право на учество домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и сопствениците на станбени објекти кои се се уште во фаза на изградба и не живеат во објектите“ се вели во соопштението на Град Скопје.

Слични содржини