Завршија преговорите во Астана, во план трилатерален механизам

од Vladimir Zorba

Сириската криза може да биде решена само по политички пат, без воени средства, се вели во заедничката изјава на Русија, Иран и Турција по завршувањето на преговорите во Астана.

Иран, Русија и Турција ќе воспостават трилатерален механизам за набљудување и обезбедување на целосно почитување на примирјето во Сирија, спречување на какви било провокации и утврдување на деталите во врска со одвивањето на примирјето, соопштија трите земји.

Техеран, Москва и Анкара наведоа и дека ја поддржуваат подготвеноста на сириските вооружени опозициски групи да учествуваат во следната рунда преговори, која ќе биде одржана во Женева на 8 февруари и во примената на Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН.

Засега не е јасно дали сириската опозиција и сириската Влада го поддржаа ова соопштение.

Специјалниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации за Сирија, Стефан де Мистура изјави вчера дека е оптимист во однос преговори за Сирија во Астана, јави ТАСС.

 Делегацијата на сириската опозиција на преговорите објави дека во Астана ќе се посвети само на начините за зачувување на кусиот прекин на огнот во Сирија, договорен со помош на Русија и Турција и нарушуван, според неа, претежно од милициите во Сирија, кои се поддржани од Иран,

– Нема да навлегуваме во никакви политички дискусии и нема да се ангажираме со ништо, со што ќе ги замениме прашањата за зачувување на прекинот на огнот и за хуманитарните размери на кризата, за олеснувањето на страдањата на Сиријците, кои се под опсада, ослободување на задржани лица и доставката на помош, изјави вчера Јахја ал Ариси, портпарол на делегацијата на сириската опозиција.

– Сирискиот режим има интерес да го оттргне вниманието од тие прашања. Ако сирискиот режим смета дека нашето присуство во Астана значи дека ние се предаваме, тоа е само илузија, која си ја создава, додаде опозицискиот претставник.

Во преговорите во Астана беа вклучени седум страни, сириската Влада, сириската опозиција, Русија, Турција и Иран како гаранти за примирјето, специјалниот пратеник на ОН за Сирија Стефан де Мистура и американскиот амбасадор во Казахстан Џорџ Крол, како набљудувач.

Слични содржини