Здравјето на Клинтон – нов пресврт во кампањата

од Vladimir Zorba

Пневномијата од која боледува Хилари Клинтон, а која беше прикривана сѐдодека за малку не колабираше во неделата, го отвори прашањето за нејзиното здравје во последните недели од кампањата за претседателските избори, информира DW.

0-19543902_303-00

Кампањата на Клинтон во неделата беше принудена да признае дека на 68-годишната кандидатка на демократите во петокот ѝ била утврдена пневмонија, откако со денови се жалела на алергии и кашлица.

Веста за пневмонијата беше објавена неколку часа откако штабот на Клинтон мораше да објаснува зошто таа мораше предвреме да ја напушти комеморацијата по повод годишнината од нападите на 11 септември во Њујорк.

Проблемот ги става под притисок и Клинтон и нејзиниот ривал Доналд Трамп, кои сега ќе треба да ги убедат американските гласачи во сопственото здравје, имајќи ги предвид напорите на кампањата која често вклучува конзумирање на нездрава храна, малку сон и напорен распоред со постојано патување.

„Краткорочната турбуленција повеќе ќе биде насочена кон замачкување на случајот, отколку кон неговата супстанца, но сигурен сум дека двајцата кандидати ќе бидат под притисок да ја откријат своите здравствена состојба“, вели Дејвид Акселрод, поранешен советник на претседателот Барак Обама.
Штабот на Клинтон веќе ја откажа за денеска планираната посета на Калифорнија.

Здравствениот проблем е последниот од серијата удари за Клинтон, во време кога Трамп успеа целосно да ја избрише нејзината предност во националните анкети. Нејзината оценка дека поддржувачите на Трамп се „група очајници“, расисти и хомофоби, предизвика жестоки реакции, по што мораше да ја повлече изјавата.

„Супер“ Трамп

Соработниците на Трамп засега не откриваат дали неговиот штаб ќе го искористи проблематичното здравје на Клинтон во јавните настапи, а и самиот Трамп досега не коментираше ништо.

„Очекувам да го користат до максимум“, вели републиканскиот стратег Арт Хекни. „Тој и досега тврдеше дека таа нема кондиција, и апсолутно очекувам да го искористат“.

70-годишниот Трамп досега не го криеше меракот за брза храна, а одвреме-навреме споделува и фотографии од неговото уживање во пржено пилешко, хамбургери и тако. Но, за разлика од Клинтон, тој досега сподели далеку помалку информации за своето здравје. Минатиот декември беше објавена изјава од неговиот лекар Харолд Бернстајн кој го опиша Трамп како човек со одлично здравје и „извонредна“ сила и кондиција. Но, во изјавата не беа наведени медикаментите кои ги користи Трамп или други детали кои вообичаено се објавуваат во вакви случаи. Во август годинава, доктор Бернстајн изјави дека наодот го напишал за пет минути, затоа што лимузината на Трамп чекала пред неговата ординација за да го земе.

Кампањата на Клинтон сега е под притисок на јавноста и ќе мора да одговори на прашањето зошто ја криела болеста цели два дена.

„Многу е важно Хилари Клинтон да биде транспарентна за своето здравје“, вели претседателскиот историчар Даглас Бринкли. „Доколку добила извештај за пневмонија в петок, требало веднаш да го објават. Опасноста за кандидатот е голема доколку се стекне впечаток дека ја кријат својата здравствена состојба“, вели тој./DW

Слични содржини