Зеќирија Ибрахими: Општина Чаир сега има нов узурпатор

од desk4

„Почитувани граѓани, откако заврши процесот на гласање, ние сме тука да се произнесеме за овој гласачки ден во Општина Чаир.

На почетокот сакам да им ја честитам победата на СДСМ во Општина Чаир. Секако, украдена победа, но ако тие и тоа го сметаат за победа, ние им ја честитаме.

Притоа треба да им се заблагодарувам на сите тие граѓани кои денеска имаа смелост и покрај сите притисоци и уцени, да излезат на гласање. Исто така сакам да укажам жалење за тие граѓани кои денес беа ставени во домашен притвор од партиските мангупи и полициски службеници, кои ја злоупотребија службената должност и не им дозволија на граѓаните да излегуваат на гласање.

За нас овие избори во Општина Чаир беа најдобриот израз на лицето на оваа власт, која во име на граѓанскиот модел, ги афирмира криминалците и неуките, а со двете нозе гази над демократијата и на основното човеково право да избере и да биде избран.

Имено за нас беше јасно дека поништувањето на ова гласачко место беше само за легитимирање на манипулирани избори. Откако не беше прифатено да се отвораат кутиите и да се види како настанаа тие 1000 неважечки гласачки ливчиња, резултатот се знаеше. Тие сакаа, преку оваа кутија, да ги легитимираат другите 85 изманипулирани кутии. Но, ова може да му ја продаваат на некој друг, а не на нас. За нас овие избори се нелегитимни, манипулирани и без никаков демократски стандард. Сè додека не се отвораат кутиите и не се направи вештачење на неважечките гласачки ливчиња, ние остануваме на овој став.

Денес сите граѓани на Чаир знаат кој е реален победник на изборите во Чаир, дури тоа го знаат и тие кои ги имаат бројките, но и срамот на тие бројки. Затоа, сакам тука да изразам 13 и повеќе илјада благодарности за сите тие граѓани на Чаир, кои без никаков интерес, туку само од сопствената волја и нивното убедување, нè подржале во овој процес. Иако денес во Чаир нашите противници го прегазија и системот на вредности и моралот на луѓето, херои на оваа победа се токму тие 13.641 наши гласачи и заради нив ние ќе се бориме се до уривање на овој режим. Ju faleminderit! Ви благодарам на сите! Hfala vam puno. Teşekurler.

Од денес кандидатот на СДСМ е узурпатор на институцијата Општина Чаир. Ако узурпаторите што се покрај него мислат само на градежните маркици, тој е узурпатор на целата институција. Ако на него и на неговиот претседател, значи на Премиерот, не им пречи да бидат вакви во Чаир, тогаш нека им биде на чест ваквата победа!

Нашата битка за правда, демократија и благосостојба продолжува“ рече кандидатот за градоначалник на Чаир од Движењето БЕСА, Зеќирија Ибрахими.

Слични содржини