Зенит е страшно моќен во Санкт Петербург: Може ли Вардар пак да ја шокира Европа?

од desk2

Дебитантската сезона на Вардар во Лига Европа полека доаѓа до крајот, а на црвено-црните им остануваат уште 180 минути за да освојат бод(ови), а вечерва имаат страшно тешка задача за да остварат таква цел во Санкт Петербург против Зенит, затоа што еден од најубавите градови во Европа е неосвоива тврдина за гостите во второто по ранг натпреварување.


Зенит има неверојатна домашна серија која делува застрашувачки во Лига Европа. Кога ќе се спометат 15 победи и само едно реми на свој терен (без квалификации), скорот на рускиот гигант, зад кој стои уште поголем гигант во Гаспром делува навистина страшно и моќно. Толку е тешка задачата на Вардар денеска да направи изненадување, макар тоа било и со едно реми.

Зенит пред девет години го освои трофејот во Купот на УЕФА, претходникот на Лига Европа и во изминативе седум години, Русите петпати играле во Лига Европа (еднаш влегоа од ЛШ во пролетниот дел) и во Санкт Петербург гостувале гиганти како Ливерпул, Базел, ПСВ, Севилја (најтрофејна екипа во ЛЕ), Андерлехт… и никој не успеал да победи. Најдобар резултат извадила шпанска Севилја со реми 2-2 во овие седум години во четвртфиналето!

Задачата на Вардар е многу тешка, но прашање е дали Русите вечерва ќе играат со полна сила, затоа што викендов ги очекува едно од дербијата за титулата во домашниот шампионат, против актуелниот првак Спартак Москва. Можеби тука е шансата, после Севилја, црвено-црните да освојат барем бод или да направат изненадување за кое ќе зборува Европа. Веќе еднаш Вардарци направија сензација со елиминација на „балканскиот Реал Мадрид“ од Истанбул – Фенербахче.

Верувале или не Зенит во главните фази во Лига Европа нема пораз, а загуби во квалификации и тоа во оваа сезона од израелска Бнеи Јехуда со 0-1 на домашен терен./Спорт 1

 

Слични содржини