Жерновски ги прикажа условите во училиштата од општината пред ресорната министерка

од desk2

Министерката за образование и наука Рената Тренеска Десковска денеска се сретна со градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

Од општина Центар соопштија дека Жерновски на средбата ја информирал Тренеска Десковска за подготвеноста на седумте основни училишта на територија на општината за почетокот на новата учебна година и за реконструкцијата и санацијата која се изведува во училиштата за подобри услови за образование и престој на децата. Министерката била запознаена со текот на изградбата на новото современо училиште, кое за прв пат се гради во најголемото населено место, Капиштец, во кое за децата ќе бидат обезбедени најсовремени услови.

Договорени биле и натамошни разговори околу активностите што претстојат во наредниот период, а во насока на неопходното кадровско екипирање со наставен кадар во училиштето. Во Општина Центар, како што се наведува, ќе продолжи и годинава проектот со кој родителскиот буџет се ослободува од плаќањето за еднодневната екскурзија, обезбедувањето на училиштата и санитарно хигиенските потреби, бидејќи тие трошоци и понатаму ќе се покриваат од буџетот на општината.

Министерката и градоначалникот ги разгледале алармантните и загрижувачки податоци од проектот „Исправи се“, кој го реализирал општина Центар во сите седум училишта и кој покажал дека 30 отсто од учениците од прво и второ одделение имаат неправилно држење или деформитети на ‘рбетниот столб. На средбата било заклучено дека овие наоди сериозно ќе биде разгледани и ќе се најдат решенија во интерес на децата за промени во образовниот систем со кои ќе се надмине овој проблем.

Слични содржини