Жешка пролет за Македонија најавија Хан и Могерини

од desk4

Министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска во Брисел со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини разговарале за потребата за интензивирање на реформскиот процес и негово преточување во конкретни резултати.

На средбите, како што соопштија од македонското МНР, биле испратени охрабрувачки пораки за европски перспективи на Македонија. Хан и Могерини ја реафирмирале поддршката на тековните реформски процеси и градењето мостови на добрососедство како силни аргументи за добивање безусловна препорака како клучен предуслов за посакуваната политичка одлука за отпочнување преговори со Унијата наредната пролет.

Како клучни моменти од суштинско значење за Македонија во претстојниот период биле истакнати:

  • Февруари: објавување на Стратегијата на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер за ЕУ перспективите на Западен Балкан,
  • Април: извештајот на ЕК за напредокот
  • Мај: самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија за време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ.

– Во Стратегијата на претседателот на ЕК Јункер, треба да има место за сите. Пресвртот во Република Македонија е најдобрата приказна од регионот за 2017 година. Во комбинација со охрабрувачкиот регионален наратив и поддршката од ЕУ можеме да направиме разлика и вистински исчекор во 2018 г. Сепак, на тој пат клучни ќе бидат резултатите од реформите – порача Димитров.

Во рамки на дводневната посета, Димитров оствари повеќе средби меѓу кои и со заменикот генерален директор на Генералниот директорат за внатрешни работи Сајмон Мордју, министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантос Силва и шефот на британската дипломатија, Борис Џонсон.

Слични содржини