Во бурна атмосфера се одвиваше денешната седница на Советот на Општина Битола, на која советниците од опозициските партии повторно побараа оставка од градоначалникот, Владимир Талески, кој издржува куќен притвор, што му беше одреден како првоосомничен во случајот „Транспортер“, што го отвори Специјалното јавно обвинителство.

sovet-opshtina-bitola-860x680

„Талески не е криминалец, туку народски кажано арамија“, довикуваа советниците од опозициските редови додека претседателката на Советот, Силвана Ангелевска, бараше да се почитува презумцијата на невиност.

Прашањето како функционира Општина Битола по притворањето на градоначалникот Талески и кои се неговите надлежности, денеска отвори жестока расправа во битолскиот Совет. Опозицијата побара оставка од Талески и формирање на комисија што ќе го испита работењето на Општината од моментот на притворањето на градоначалникот.

Тие, исто така, побараа управниот инспекторат да се произнесе и по прашањето кои се надлежностите на градоначалникот по неговото притворање.

– Бараме јавно да го видиме решението на Кривичниот суд Скопје, што пишува кои се надлежностите на Талески по лишувањето од слобода и по изрекувањето на мерката куќен притвор, кои ингеренции ги има сега протворениот градоначалник, оти тој по разговорот во СЈО кажа дека работел по инструкции на обвинителството. Бараме да се формира комисија која ќе утврди дали од денот на притворањето Талески потпишал некој документ, дали некоја одлука се реализирала и дали нанел некоја штета на Општината – рече советничката на ВМРО-НП од Битола, Габриела Илиевска, повикувајќи дека „Општината Битола не може да работи по инструкции од криминалец“.

По нејзиниот говор седницата беше кусо прекината.

Советниците од ЛДП побараа од Советот да расправа за оставка на Талески, со образложение дека статутот дозволува секој предлог од советниците да се стави на гласање.

– Бараме Советот да изгласа препорака за поднесување на оставка на градоначланикот на Општина Битола. Ова барање го доставивме пред еден месец, ама не го ставивте на дневен ред. Зошто? Велите дека Општината нормално функционира, а факт е дека сите проекти се стопирани, градежните работи во поранешната касарна се замрени и првпат по десет години не се одржа „Битфест“. Застанаа и работите на стадионот – рече советникот од ЛДП, Валентин Груевски.

Неговиот колега од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илче Димовски, возврати дека Советот не е адвокат на Талески.

– Ова е политичко тело и мора да знаеме какви зборови упатуваме кон институцијта градоначалник. За тоа дали градоначалникот потпишувал акти од дома или не, Советот не е адвокат на Талески, ниту тело кое треба да се занимава со тоа работа. Негов обвинител е Кејт Џан (Катица Јанева н.з.). Може да се обратите до неа и да ѝ сурегирате дека не се почитуваат законите од градоначалникот Талески – рече Димовски.

МЕТА

Слични содржини