Три деца од две училишта во скопската населба Ѓорче Петров се разболеле од заразната жолтица А. За среќа, велат епидемиолозите од скопскиот Центар за јавно здравје, случаите се неповрзани, односно децата не се разболеле едно од друго. За да не се шири хепатитисот во училиштата се преземаат вонредни хигиенски мерки, а направена е и дезинфекција. Лекарите апелираат многу да се внимава на хигиената во училиштата, но и на хигиенските навики на децата за да не се појавува заразата. Жолтица А е вируско заболувањето кое се пренесува по фекално-орален пат, а се појавува особено во лоши санитарно-хигиенски услови.

Училиштата не се извор на заразата

– Во овие случаи извор на заразата не се училиштата, но секако преземени се сите мерки за да не се шири вирусот меѓу децата. Во училиштата е направена дезинфекција, одржавме едукативни предавања за болеста и заштита од неа, а запознаени се и родителите и професорите. Кадарот е задолжен да проверува дали децата си ги мијат рацете по користење на тоалетот, а при влез и излез од училиштата се користат средства за дезинфекција – вели д-р Љуљзиме Бајрами, епидемиолог во Центарот за јавно здравје.

Инаку, во едното училиште жолтицата пред неколку недели разболела едно дете од седум и едно од 14 години, кои немале контакт меѓу себе, а оделе и во различни тоалети во училиштето. Во другото последната недела болен е седумгодишник.

Се пренесува и од човек на човек

Човекот е единствен резервоар на хепатитис А. Тој може да е заболен со типични симптоми, со нетипични или да е болен а да нема симптоми. Вирусот може да се најде во столицата, крвта, жолчката, а поретко и во урината на заболениот.

Инкубација односно времето што поминува од моментот на влегување на вирусот во организмот до појавата на првите симптоми на болеста е 15 до 50 дена (најчесто околу 30 дена). Заболениот од жолтица го пренесува вирусот во текот на втората половина од инкубацискиот период, а со појавата на симптомите на жолтицата заразноста почнува да се намалува, односно трае неколку дена по појавата.

Од човек на човек болеста може да се пренесе и со директен контакт, кој се остварува преку раце контаминирани со фецес во кој се наоѓа вирусот. Исто така, инфекцијата се пренесува и со индиректен контакт преку загадени предмети за лична или за општа употреба.

Децата најподложни на жолтица А

Децата, објаснуваат од Институтот за јавно здравје, се најмногу подложни на овој тип зараза. Ако еднаш се прележи жолтица, објаснуваат лекарите, стекнатиот имунитет траен, најчесто доживотен.

Болеста се препознава по: покачена телесна температура, слабост, губење апетит, гадење и повраќање, а понекогаш и пролив. Може да се јави болка под десниот ребрен лак, а по неколку дена од појавата на првите симптоми може да се забележи темна урина (боја на пиво), столица со светла боја и појава на пожолтување на кожата и белките на очите. Најчесто симптомите исчезнуваат за 1-2 недели, но целосното закрепнување трае подолг временски период, од четири до шест недели.

Колку ќе бидат изразени симптомите на болеста зависи од здравствена состојбата на заболениот, т.е. неговиот имунитет и дали има други болести, но и од неговата возраст. Во детската возраст посебно во првите години од животот, болеста често е блага, и може да помине речиси незабележливо. Меѓутоа, инфекција кај возрасните лица може да добие потешка форма./Fakulteti

Слични содржини