Зибери: Џафери да ја заокружи Конститутивната седница

од Vladimir Zorba

Поранешниот пратеник во Собранието на Република Македонија, Насер Зибери, го осуди  насилство во Парламентот, оценувајќи дека новоизбраниот претседател, Талат Џафери, треба поскоро да ја преземе функцијата и да седне на претседателското столче во Собранието, по што ќе ја заокружи конститутивната седница на македонското Собрание.

„Тоа што се случи синоќа ќе биде забележано како еден од најтемните денови за демократијата во Република Македонија, и како повторување, но сега многу поагресивно и поостро од тоа што се случи пред неколку години на 24 декември. Мислам дека насилството што се случи во Парламентот е целосно за осуда и е недозволиво, а органите на редот треба да понесат одговорност зошто дозволија толпата да влезе во Парламентот, да го сквернават Парламентот и тешко да ги повредат пратениците на Република Македонија.

Важно е сега новоизбраниот претседател на Парламентот, господинот Талат Џафери да ја продолжи својата работа, од денеска да ја преземе функцијата и да седне во парламентарната клупа и да продолжат седниците и Собранието да ја заокружи конститутивната седница.

Потребно е договорите кои се постигнати пред тешките настани да се почитуваат, независно од  сето ова што се случи и Комисијата за избор и именувања да се избере и потоа да се изберат другите комисии. Значи, да се стави во функција Собранието како орган на претставничката власт во Република Македонија и на тој начин да започне процесот на создавање на институциите на државната власт, согласно резултатите од изборите.

Ова ќе биде потежок  удар за сите тие кои што сакаат Македонија да влезе во хаос, да не се почитува Уставот, законите и постапките и Македонија да не ги конституира органите кои се отсликување на изборите од декември минатата година“, изјави за АлсатМ Зибери.

Слични содржини