Зидан го губи трпението, Бејл пред заминување од „Бернабеу“

од desk2

За фудбалската јавност одамна е очигледно дека Герет Бејл повеќе не е таква сила во Реал Мадрид како што беше во одредени фази од неговата кариера. Во последниве неколку недели, се покажа дека крилниот играч или не сака да игра, или едноставно паднал во длабока криза.

Мадридскиот весник „АС“ открива за инцидент, кој се случил на полувремето од реванш-дуелот во четвртфиналето на Лигата на шампионите против Јувентус. Бејл беше стартер, но не направи ништо вредно, а Реал губеше со 0:2. Уште при влегувањето во соблекувалната, Кристијано Роналдо направил забелешка до Велшанецот дека треба „да се стегне“, бидејќи неговото однесување е доста пасивно. Но, тој само реагирал со насмевка, што го вознемирило Зинедин Зидан, кој бил директен сведок на ова. Поради тоа, тренерот веднаш го испратил Лукас Васкез да се загрева и следеше замена.

Потоа Бејл дури и не влезе во натпреварувачката група за мечот со Малага, а против Атлетик Билбао се појави како замена во последните 20 минути.

Сигурно ќе има многу шпекулации за разделбата со поранешниот фудбалер на Тотенхем, а Премиер Лигата се чини дека е неговата најверојатна дестинација.

Слични содржини